ЗА ПРАЗНИКОТ ВОДИЦИ: Македонците од Љубљана за првпат организираат положување на светиот крст

54

Македонската заедница во Словенија годинава, за верскиот празник Водици, за првпат организира положување на светиот крст во словенечката метропола, Љубљана. За учество на оваа специфична манифестација до вчера беа пријавени 55 учесници, а до недела, кога ќе се одржи чинот, бројот ќе биде поголем.

– Постои голема заинтересираност за учество на оваа манифестација со која се одбележува крштавањето на Господ Исус Христос. За годинава сакавме положувањето на светиот крст да се одржи во реката Љубљанчица во центарот на градот, но задоцнивме со вадењето на сите потребни дозволи. Затоа се одлучивме тоа да биде во отворен базен, кој моментално е празен поради зимата. Тој ќе биде исчистен, наполнет и испразнет по тоа. Се наоѓа на 10-15 мин. од нашата црква, односно од центарот, во населбата Јежица, Бежиград. Би напоменал дека сите трошоци, вклучувајќи го и изнајмувањето на базенот околу организацијата, се покровителство од нашиот верник Ване Ристов од Струмичко, кој живее во Љубљана – ни изјави протојерејот Митко Поп Газинковски, кој активно ги координира сите активности околу манифестацијата.

Инаку, во Љубљана ниту една друга православна црква не организира положување на светиот крст во вода. Досега, веќе 11 години, Македонската заедница организира ваква манифестација во градот Копер, која ќе се одржи и в недела, со учество на повеќе од 40 верници.

Според протојерејот Митко Поп Газинковски, Македонската заедница во Словенија е сè побројна и неофицијално се проценува дека во неа има околу 100.000 наши сонародници.

– За жал, оти ни се празни татковината, но, пак, за радост што сите тие луѓе, особено младите, се вклучуваат во активностите на културните друштва, но и се во Црквата – ни рече протојерејот. (Б.Ѓ.).

 

ИЗДВОЕНИ