Во младинскиот центар „Матично“, во организација на Либералниот институт Скопје, утре во 18:00 часот ќе се одржи панел-дискусија на тема „За посигурна иднина на животните, законски промени сега“.
Панел-дискусијата доаѓа по сѐ позачестените случаи на злоупотреба и насилство кон животните, но и недоволната ангажираност и реакција на надлежните институции, кои треба да ги штитат, независно дали се работи за домашни миленици или за улични и напуштени животни.
Настанот има цел да иницира јавна и институционална дебата за потребата од системски пристап кон заштитата на животните и потребата од носење итни измени во постојното законодавство.
На трибината ќе учествуваат: Радмила Пешева, директорка на ЈП „Лајка“; Горан Герасимовски, градоначалник на Општина Центар; Моника Зајкова, пратеничка и претседателка на Либерално-демократската партија (ЛДП) и Никола Јовановски, раководител во Општина Гази Баба, а дебатата ќе ја модерира новинарот Огнен Чанчаревиќ.
Учесниците ќе дискутираат за реалните предизвици со кои секојдневно се соочуваат локалните власти и граѓаните, како и за начините на кои може да се подобрат условите за живот на животните – напуштени и домашни.
Либералниот институт информира дека панел-дискусијата е отворена за јавноста, љубителите на животни, активистите, институциите, медиумите и за сите што веруваат дека Македонија може да биде држава каде што се третираат животните со грижа и достоинство.