На денешното рочиште за двојното убиство на 14-годишната Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски, првообвинетиот, Љупчо Палевски-Палчо, одговараше на вкрстеното испрашување на обвинителката, односно таа го соочуваше неговиот исказ во кој ги негира грабнувањата и убиствата со доказите против него.
– На 22.11.2023 (денот на убиството на Панче), во вашиот исказ велите дека сте станале во 9:30 часот, сте го шетале кучето и сте разговарале со член на партијата на кого не се сеќавате, ама се сеќавате дека се плашел од вашето куче. Зошто не сте го предложиле за сведок? Бидејќи не постои таков човек, нели? – го праша обвинителката Палевски.
Палевски, кај кого се забележуваше нервоза, одговори дека постои таков човек и дека бил претепан во истрагата, но дека не може да се сети на неговото име.
Потоа обвинителката му го предочи доказот од анализата на неговиот мобилен телефон, дека првиот повик тој ден го добил дури по 13:00 часот, а претходно користел само Интернет. Палевски одговори дека не користел обична мрежа бидејќи го прислушувале.
Обвинетиот одговараше долго, на моменти со сарказам, се обидуваше да ги исмее прашањата од обвинителката, па судијата Ивица Стефановски го опоменуваше за однесувањето.
– Велите дека снимките од пред куќата на Велибор Манев се со фалсификуван датум, дека, всушност, станува збор за мај, кога сте се вратиле од копање злато од Демир Капија, ама, случајно или не, сте заборавиле дека возилото „рено кангу“ не ви било дадено на располагање тој период. Точно ли е тоа? – праша обвинителката.
Палевски одговори дека тој никогаш не кажал дека бил со „кангуто“ во Демир Капија, иако и тогаш можел да го вози кога ќе посака и смета дека ќе ја побие веродостојноста на снимките со докази.
Во моментите кога го споменуваше неговото име, Манев, од последниот ред каде што седи додека ја дава Палевски својата одбрана, ја нишаше главата во знак дека тој не ја зборува вистината.
Со кратки коментари се слушна и Влатко Кешишев. Во делот кога си даваше Палевски алиби за денот на убиството на Панче, изусти: „Ова нема врска“.
– Дали си правевте алиби за 27.11.2023 со плаќањето сметка во банка? – го праша Обвинителката Жаклина Крстевска- Јосифовска.
На тоа Палевски ѝ возврати: „Ако сум убил, ќе правев алиби“. Тврди дека на денот на убиството на Вања добил 1.000 евра на сметка, од „Јутуб“ и дека отишол во Халк банка во Буњаковец.
– Вие слушнавте дека сите биле под моја уцена, се плашеле да не им ги убијам фамилиите и зошто имало потреба да одам во Дупки, туку едноставно ќе сум наредел. Зошто би отишол од Скопје во Велес за канта „ситроен“, кој е поевтин од мојот „ајфон“. Но, според вашата логика, сум морал да отидам и да го убијам Панче. И покрај тоа што сте ги обезбедиле доказите, некој пред 10 години имал кривична пријава од Панче Жежовски кон него, пријава до Советот на јавни обвинители. Жртвата тврди дека Велибор Манев е под заштита на ОЈО Велес. Но, вие повторно тврдите дека јас сум отишол во Велес да го убијам – се бранеше Палевски.
Неколкупати во текот на испрашувањето, ѝ забележуваше на обвинителката дека нејзините прашања би навредиле и просечен човек.
– Вие тврдите дека криминален ум би ја убил Зорица Ѓорчевска, а не Вања. Вам ви беше ли познато дека Зорица и Александар Ѓорчевски се разведени и дека при убиство на Зорица, Александар не би наследил ништо. Ви беше познато, така? – го праша обвинителката.
На тоа Палевски ѝ возврати дека мотивот им е нелогичен и недокажан.
– Доколку постои користољубие, ќе имаше засолниште, а не класично убиство, ќе имаше контакт со мајката или таткото за да се направи таа уцена, за да се принуди некој да даде пари, но не само што не се случило туку вие не понудивте ниту еден доказ за таа многу важна околност – мотив зошто е сторено делото. Затоа дадов пример со еден криминален ум. Јас во списите прочитав дека Александар го поседува најскапиот имот во семејството, станот од каде што е грабнато детето, преку 250 илјади евра, и доколку биде убиена мајката, законски старател ќе биде таткото. Мотивот не само што не е докажан туку и целосно нелогичен – одговори Палевски.
Обвинителката го соочи со фактот дека заминал за Белград со цела техника од своето студио за поткаст, сосе прислушуваните телефонски разговори, но не и со медицинска документација за `рбетот бидејќи тргнал да се снима. На ова Палевски обвини дека медицинските белешки му ги украле во Обвинителството. Ѝ возврати на обвинителката со веќе познатото тврдење дека ОЈО го крие пиштолот од 9 мм. Обвинителството праша зошто Палевски, како „разумен и совесен човек“, не се пријавил самиот во полиција во Турција, зашто, како што кажал самиот во исказот, отишол во пицерија во Баликесир (Турција) и чекал да го уапсат.
– И онака на сите вести беше мојот лик, па, секако, ќе ме најдеа – одговори Палевски.
(П. А.)