Вработените во Македонската филхармонија, вчера, преку протест упатија јавен апел до Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, да ги почитува законските одредби при изборот на директор на нивната институција.

„Нема да дозволиме нашата институција да биде жртва на бесрамни политички договори. Бараме Министерството за култура и туризам да го избере најдобриот кандидат на конкурсот за директор на Македонската филхармонија, односно Кандидатот кој ги исполнува сите услови од конкурсот: да има најмалку пет години работен стаж или искуство во културата, да биде истакнат културен работник со докажани референци, да приложи четиригодишна развојна програма и да поседува меѓународен сертификат за англиски јазик (B2)“, велат од СО Македонска филхармонија при СКРМ.

Оттаму побараа од Министерот за култура и членовите на комисијата за избор на директор, да се придржуваат до законската процедура и критериумите во конкурсот и со тоа да докажат дека системот на компетенции се почитува. Во спротивно, целата документација од постапката за избор, ќе биде побарана како информација од јавен карактер и споделена со јавноста“, истакнаа вработените во Филхармонија.

Од Министерството за култура и туризам, пак, посочуваат дека формираната комисија ќе ги разгледа петте пристигнати апликации на конкурсот и дека транспарентно ќе биде донесена одлуката, по што на министерот Зоран Љутков ќе му даде препорака кој од кандидатите ги исполнува сите услови за директор на оваа установа.

 

ИЗДВОЕНИ