Министерот за локална самоуправа, Златко Перински, заедно со својот заменик Ерџан Селими, вчера, во рамките на карванот „Каде што срцето е дома“, ја посети Општина Ѓорче Петров, каде што оствари средба со градоначалникот Александар Стојкоски и со членовите на општинскиот Совет.
Како што посочи Перински, карванот „Каде што срцето е дома“ е од исклучителна важност за Министерството за локална самоуправа, бидејќи во рамките на овие средби, има можност да разговара директно со креаторите на локалните политики, но, како што рече, и да ги слушне реалните потреби на граѓаните.
– Оваа општина, за нас, е исклучително важна и специфична, бидејќи, покрај урбаниот дел, има и рурален дел и навистина е тешко да направите баланс во рамките на инвестициите за да биде напредокот на Општината на едно изедначено ниво, а со тоа да го искористите целиот потенцијал што ви го нуди самата општина. Имаме можност да разговараме директно со креаторите на локалните политики и да ги слушнеме реалните потреби и желби на граѓаните, кои, за нас, се исклучително важни. На тој начин можеме да донесеме заклучоци или предлог-решенија што ќе ги надминат предизвиците на двете страни – посочи Перински.
Градоначалникот Стојкоски истакна дека се исклучително задоволни од соработката со Владата и од проектите што ги добија со првиот повик и најави дека ги подготвуваат проектите за вториот повик и дека набрзо ќе аплицираат.
– Опфативме теми кои се суштински за потребите на жителите и ќе се обидеме заедно со поддршка од Владата да изнајдеме заеднички модели на решавање на одредени ситуации. Ова е добра пракса и ја поздравувам. Денеска ќе имам средба со граѓани, претставници на невладини организации и спортски и културни работници. Средбата ќе се одржи во 18:30 часот во Домот на културата. Секој е добредојден да даде свои предлози и сугестии за нашата општина – истакна Стојкоски.
Перински беше прашан дали ваквите посети на општините значат почеток на предизборната кампања. Тој истакна дека основна работа на Министерството за локална самоуправа се локалните самоуправи и регионалниот развој.
– Точно е дека некој го предвидува ова како почеток на предизборна кампања, но јас не се согласувам со таа констатација, затоа што обврска на министерот е да ги посети локалните самоуправи и да го осознае нивното секојдневно работење за да ги подобри состојбите – рече Перински.