Примање поткуп е причина за приведување на две лица денеска во Скопје, соопшти државното Јавно обвинителство. Во соопштението се наведува дека случајот се расчистува.
-Во координирана акција на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција и МВР приведени се две лица под сомнение за кривични дела примање поткуп и примање награда за противзаконито влијание. Се постапува за целосно расчистување на настанот, изјавија вчера од Јавното обвинителство.
Напоредно со ова, во медиумите денеска се појавија и неофицијални информации дека еден од приведените е Мухсин Арифи – в.д. директорот на Специјализираната болница за геријатриска и палијативна медицина во Скопје. Наводно, тој е осомничен дека зел мито од 20.000 евра за сместување на болно и неподвижно лице. Во оваа здравствена установа, познато е, се примаат возрасни пациенти во најтешка здравствена состојба, при што листите на чекање се големи, а бројот на кревети ограничен. Арифи претходно беше организациски директор на психијатриската болница во Бардовци. Тој е дипломиран архитект и доаѓа од Алијанса за Албанците, крилото со кое раководи министерот за здравство Арбен Таравари.
Таравари денеска соопшти дека секој кој се огрешил пред законите да понесе одговорност.
-Секој кој се огрешил пред законите мора да понесе одговорност, без разлика на етничка, верска или политичка припадност. Испораката на правда мора да биде неселективна и во согласност со сите уставно-правни механизми и темелни вредности. АА останува силно посветена на борбата против корупција и темелна реформа на државниот систем со цел сите девијантни појави да бидат сведени на минимум. Албанскиот народ не заслужува да го претставуваат лица кои евентуално се обидуваат нелегално да се збогатат на здравствените маки на граѓаните. Ова е недозволиво и надвор од принципите кои ги застапуваме, се наведува во соопштението.
Се огласи и Министерството за здравство од каде што соопштија дека се залагаат за што побрзо расчистување на случајот.
-Министерството за здравство стои на располагање доколку се потребни какви било информации по службена должност. Наш приоритет останува обезбедување најсоодветна грижа за сите пациенти во јавните здравствени установи, велат од МЗ. (Б.Ѓ.)