За куќа од едно евро на Сицилија треба да се стокмат најмалку 35.000 евра

955

Американската Руби дознала за проектот од интернет во 2019 година. Отишла да ја провери дали е вистина и следниот ден му соопштила на сопругот дека се горди сопственици не на една, не на две, туку на три куќи во Мусомели на Сицилија. Покрај едното евро платила и данок, посредство на агенција, тапија… со што вкупната сума за секоја куќа посебно излегла 3.301 евро. Во реновирање на едната куќа, која ќе ја користи за одмор, вложила 35.000 долари, а се надева дека крајната сума ќе биде под 40.000. За квадратурата што ја купил Алфред Рамирез на Сицилија потрошил  16.000 евра, а како што вели, во Калифорнија, каде што живее, би требало да искешира најмалку 330.000 долари

 

 

Повеќе од деценија ипол живее италијанскиот проект за продажба на куќи во распаѓање за само едно евро, со цел да се привлечат странци кои ќе ги обноват и ќе ги заживеат гратчињата во фаза на изумирање.

Проектот не умира иако значи почеток на голема авантура – реновирањето да се заврши во одреден рок, најчесто три години, понекогаш со големи трошоци. На продажба сè уште има куќи со многу мувла, оштетени цевки, термити, урнат покрив… во десетици италијански градови и села.

Иако ова не звучи баш најдобро, многумина од таквите руини успеаја да се офајдат. Една од нив е Американката Руби Даниелс, која купувајќи куќа од едно евро на Сицилија, како што вели за медиумите, добила возбудлива шанса да го изгради домот од нејзините соништа.

Руби има 50 години и е од Калифорнија. Нема точни податоци колку куќи се продадени за едно евро во последните години, но се проценува дека таа е една од илјадниците странци кои влегле во италијанската авантура. Како што пренесува ЦНБЦ Мејк ит, таа работи во градежништвото и кога дознала за програмата од интернет во пролетта 2019 година, веднаш одлетала за Сицилија. Неколку дена подоцна го повикала својот сопруг и му соопштила дека се горди сопственици на не еден или два, туку на три имоти од по 1 евро во Мусомели, град на околу два часа возење од Палермо. Како градежен работник, како што вели за медиумот, видела огромна работа пред себе. Наместо да се загрижи, го визуализирала конечниот резултат од три проекта од соништата: куќа, ресторан и велнес центар.

Но, покрај едното евро за секој имот имало и дополнителни трошоци: данок од 500 евра, такси за агенција за недвижности и 2.800 евра, трошоци за тапија, или вкупно по 3.301 евро за секој објект.

Прво ја реновирала својата куќа за одмор со нова кујна, со реставрирани камени ѕидови и завршна мермерна обработка, камин, бања. За се тоа планирала околу 20.000 долари, но стигнала до 35.000 со надеж дека во наредниот период цехот ќе биде под 40.000.

-Има многу работа, но процесот е и понатаму возбудлив како и првиот ден, вели таа, среќна што ќе ја добие куќата од соништата што не би можела да ја има во Калифорнија, зашто таму цената е многу повисока.

Сега планира во Мусомели да оди на одмор, а кога ќе се пензионира времето да го подели меѓу Калифорнија и Сицилија.

Руби раскажувала за ова на пријателите во Калифорнија, па ги „запалила“ и 35-годишниот Алфред Рамирез и неговата мајка Елена. Алфред бил изненаден од количината  простор што може да ја добие на Сицилија за 16.000 евра, за кој во местото каде што живее во Калифорнија би потрошил најмалку 330.000 долари.

И 44-годишната Мередит Табон од Чикаго купила куќа на Сицилија во градот Самбука ди Сицилија, на еден час возење од Мусомели.

– Мислев дека тоа е премногу добро за да биде вистинито, но проверив кога го видов името Самбука. Тоа беше токму селото од каде мојот прадедо дошол во САД во 1902 година, вели таа.

Таму цената не била фиксни едно евро, туку куќите се продавале на аукција почнувајќи од едно евро. Мередит на еден од последните денови од аукцијата дала понуда од  5.555 евра за една недвижност, малку загрижена од предупредувањата дека тоа е измама. Но, добила мејл дека ја добила куќата. Потоа нешто доплатила и крајната цена излегла 5.900 евра. И не застанала тука. Покрај куќата, од приватен сопственик купила и зграда од 22.000 евра, или нешто  над  23.000 долари. Тоа што почнало како планиран буџет од 40.000 евра за реновирање на 620 квадрати пораснало до 140.000 евра за 2.700 квадратни метри. Реално, во наредните четири години, колку што траело реновирањето, потрошила околу 425.000 евра, но, како што вели, никогаш не се посомневала дека го добила имотот од своите соништа.

Кампањата од 1 евра првпат беше предложена во 2008 година од ТВ-лицето Виторио Сгарби, тогашен градоначалник на Салеми во јужна Сицилија, каде што куќите беа уништени од земјотрес во 1968 година. Идејата потоа се прошири во десетици општини низ Италија. Во Мусомели, пак, продадени се повеќе од 100 куќи за 1 евро, како и околу 200 таканаречени премиум куќи, чии цени почнуваат од околу 5.000 евра и бараат помалку поправки. Тоти Нигрели, заменик-градоначалникот на Мусомели вели дека веднаш по лансирањето на веб- страницата на која се нудат куќите пристигнале десетици илјади барања, а првата продажба била направена во рок од две недели.