За изградба на куќа од 100 квадрати во Црниче, олеснување од 6.600 евра

3650

Мерката „Кисела Вода – адреса за заеднички дом“ е прва од ваков вид во Македонија, но и во регионот. Со неа, Општина Кисела Вода ќе им олесни на младите брачни двојки што се стремат да изградат свој дом, поточно куќа, со тоа што ќе бидат делумно ослободени од плаќањето комуналии, и тоа 40 % за објекти во рамките на Генералниот урбанистички план на Град Скопје и целосно, односно 100 %, за објекти надвор од ГУП

 

Општина Кисела Вода ќе им олесни на младите брачни двојки што се стремат да изградат свој дом, поточно куќа, со тоа што ќе бидат ослободени од плаќањето комуналии, и тоа 40 % за објекти во рамките на Генералниот урбанистички план на Град Скопје и 100% за објекти надвор од ГУП.

Станува збор за новата мерка „Кисела Вода – адреса за заеднички дом“, која вчера ја промовираше градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски.

– Илустративно, за изградба на куќа од 100 квадратни метри во Црниче, младата брачна двојка би добила финансиско ослободување во износ од 6.600 евра, додека во селото Драчево, за истата квадратура, ослободувањето би било 5.000 евра – истакна Ѓорѓиевски.

Тој додаде дека тоа е еквивалентно на карабината на куќа или младите брачни двојки да го опремат својот дом за да може да живеат комотно.

Ѓорѓиевски наведе дека можноста за делумно или за целосно ослободување од плаќање надоместок за уредување на градежното земјиште ќе ја имаат брачните двојки до 40-годишна возраст, кои немаат друг имот во своја сопственост.

– Условите за изградба на објекти со намена А1- домување, односно куќи, се прилично едноставни. Брачните двојки да немаат друг објект во своја сопственост и да не водат постапка за легализација на бесправно изградени објекти; проектот како составен дел од документацијата за одобрение, согласно со закон, да содржи само една станбена единица; брачните другари – инвеститори мора да склучат договор со општината дека нема да го отуѓуваат објектот во рок од 10 години од денот на склучувањето на договорот – појасни Ѓорѓиевски.

Дополнително, во наредниот период ќе бидат обезбеди три типски проектни документи за куќа од 80, 100 и од 120 квадрати, кои бесплатно ќе може да се симнат од општинската веб-страница. Оваа одлука завчера доби мнозинска поддршка од Советот на Општина Кисела Вода.

Според Ѓорѓиевски, „Кисела Вода – адреса за заеднички дом“ не е само мерка туку и визија за заедничка иднина.

– Со овој чекор, ние придонесуваме за демографскиот развој на нашата држава, која се соочува со значајни предизвици во контекст на депопулацијата и одливот на млади и образовани луѓе. Впрочем, и Владата на Република Македонија го постави демографскиот развој како клучен приоритет за стабилност и за економски напредок на нашата земја и секој од нас е должен да вложи максимални напори за да ја поддржи нашата младина да остане овде, да создаде дом и семејство – потенцираше Ѓорѓиевски.

На прес-конференцијата, тој ја истакна и компонентата за родова еднаквост во овој проект.

– Она што, исто така, сметам дека е важно да се истакне е оти преку „Кисела Вода – адреса за заеднички дом“, паралелно придонесуваме и кон поголема родова еднаквост во сферата на сопственоста на недвижниот имот. Според податоците, само 27 % од сопствениците на недвижности се жени и затоа, со предлог-одлуката која бара двајцата брачни другари да бидат инвеститори, ние создаваме услови за поголема еднаквост – изјави Ѓорѓиевски.

Приоритет да ја користат оваа мерка ќе имаат жителите на Општина Кисела Вода, но градоначалникот Ѓорѓиевски рече дека се отворени вратите и за другите жители на Скопје.

(А.П.)