За да вечераат со Трамп плаќаат од еден до пет милиони долари, а не знаат каде одат парите

112

Гостите плаќаат милиони долари за да вечераат и да се сретнат со претседателот Доналд Трамп на специјални настани што се одржуваат во неговиот имот Мар-а-Лаго во Палм Бич, Флорида.

Деловните лидери можат да обезбедат средба лице в лице со претседателот во Мар-а-Лаго за пет милиони долари, според извори директно запознаени со ваквите состаноци. Според поканата до која дошол магазинот „Вајрд“, на таканаречената „вечера со свеќи“, што последен пат се одржа минатата сабота, од потенцијалните гости на Мар-а-Лаго е побарано да дадат еден милион долари за резервација на место.

„Поканети сте на вечера со свеќи со специјалниот гостин, претседателот Доналд Џеј Трамп“, стои во поканата под натписот „МАГА ИНК“. МАГА е акроним од трамповиот слоган од претседателската кампања во 2024 година „Направете ја Америка повторно голема“ (Make America Great Again).

„Дополнителни детали достапни по резервацијата. Гостите ќе бидат сместени по принципот прв дојден, прв услужен. Просторот е многу ограничен. 1.000.000 долари по човек“, стои во поканата. Во неа конкретно се наведува дека „Доналд Џеј Трамп се појавува на овој настан само како истакнат говорник и не бара средства или донации“.

Овој настан се одржа во 19 часот на 1 март и беше наведен во официјалниот распоред на претседателот како „Финансиска вечера со свеќи“. Ова е единствениот настан со тоа име во официјалниот распоред на Трамп откако тој ја презеде функцијата.

Состаноците еден на еден, вредни пет милиони долари, станаа жешка карта во бизнис-заедницата, вели извор запознат со нив. Не е јасно каде одат парите и за што ќе бидат искористени, но еден извор што е директно запознат со вечерите рече дека „сето тоа оди во библиотеката“, мислејќи на претседателската библиотека, која наводно ќе биде изградена откако Трамп ќе ја напушти функцијата.

Од претходно е познато дека таканаречени „вечери со свеќи“, кои нуделе пристап до претседателот, имало пред неговата инаугурација, но не е забележано дека се случувале додека тој бил на должност, пишува „Вајрд“.

Неодамна, и „Вашингтон пост“ објави дека вакви вечери со свеќи се одржале на 19 декември и ноќта пред претседателската инаугурација на Трамп – на 19 јануари, а цената била еден милион долари по присутен. Ќерката на Трамп, Иванка, и нејзиниот сопруг Џаред Кушнер присуствувале на настанот на 19 јануари.

Пред инаугурацијата на Трамп во 2016 година, донаторите кои ќе потрошеле седум цифри можеле да си обезбедат осум билети за вечера со свеќи.

ИЗДВОЕНИ