Членките на Македонската берза за хартии од вредност лани направиле промет од 26.804.437.560 денари (435 милиони евра). Најмногу промет е направен на класичното тргување од 14.447.755.235 денари (235 милиони евра), а во блок трансакции се реализирани 11.411.325.441 денари (185,5 милиони евра). На јавни берзански аукции направен е промет од 945.356.884 денари (15,4 милиони евра).

Лани државата Република Македонија издаде шест државни обврзници и седум обврзници за денационализација. Направени се 34 трансакции со државни обрзници и е направен промет од 15.577.400 денари (253 илјади евра), а во 208 трансакции со обврзниците за денационализација е направен промет од 64.141.342 денари (1 милион евра).

Задолжувањето на државата преку државни записи и обврзници продолжува и оваа година. Од СДСМ велат дека со новите над 200 милиони евра долгови власта енормно го зголемува јавниот долг и ја турка државата во должничко ропство.

– Пред само десетина дена власта се задолжи со 128 милиони евра преку државни записи и обврзници. Претходно кон крајот на октомври 2024 година кај домашните кредитори власта се задолжи со уште едно големо задолжување од 73,7 милиони евра. Со кредитот од Унгарија од 500 милиони евра, за кој веќе тече камата, а парите не се реализирани, тоа се 700 милиони евра нови долгови создадени од ВМРО-ДППМНЕ за само 6 месеци. Во исто време додека се трупаат огромни долгови платите стагнираат, трошоците за живот раст, а граѓаните имаат сè помалку пари во своите џебови – обвинија од СДСМ.

Вкупниот јавен долг на крајот на третиот квартал минатата година изнесуваше 8,48 милијарди евра, што претставува 56,9 проценти од БДП, а што е под Мастришкиот критериум на Европската Унија, кој изнесува 60 проценти. Внатрешниот јавен долг на земјава на крајот на септември минатата година достигна 3,546 милијарди евра, што во однос на три месеци претходно е со зголемување за 106 милиони евра.

Во „Стратегијата за управување со јавен долг”, документот на Министерството за финансии се наведува дека во 2025 година се очекува умерен пад на јавниот долг на 65,2 проценти, а опаѓачкиот тренд ќе продолжи во периодот 2026 – 2028 година од 63,5% до 60,4%  и во 2029 година се очекува да се стабилизира на 60 проценти од БДП.

Оваа и во следните 4 години Владата ќе треба да врати 6 милијарди евра на домашните и странски кредитори. Година доспева долг од 1,23 милијарди евра, во 2026 ќе треба да се вратат 1,26 милијарди евра, околу 1,25 милијарди евра ќе се враќаат во 2027 година и во 2028 над 1,5 милијарда евра, додека 790 милиони евра ќе треба да враќаат во 2029 година. Најголемите суми се по основ на еврообврзници.

И покрај растечкото ниво на јавниот долг од Владата уверуваат дека задолжувањата не се неоправдани, а финансиската стабилност на државата нема да биде загрозена.

Министерството за финансии денеска ја исплати еврообврзницата издадена во 2018 година во износ од 500 милиони евра, а која доспеваше за исплата на 18 јануари 2025 година.

– Со цел да се обезбедат средства по најниски трошоци за исплата на оваа еврообврзница, беше потпишан Договор за заем со унгарската Експорт-импорт банка. Условите под кои ги добивме средствата направија заштеди на буџетот по основ на камати и по основ на провизии. Ќе продолжиме со политиките на редовно и навремено сервисирање на обврските и обезбедување средства по најповолни услови – рече министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска и додаде дека 2025 година ја почнуваме со ликвидни и стабилни јавни финансии кои ќе овозможат редовно и навремено сервисирање на обврските.

Таа рече дека повлекувањето на овие средства нема да влијаат на нивото на јавниот долг, односно се повлекуваат средства во оној износ во кој е издадена и еврообврзницата. Средствата за сервисирање на оваа обврска беа обезбедени преку заем од унгарската Експорт-импорт банка по поволни услови со камата од 3,25%, рок на отплата 15 години, со вклучен грејс-период од 3 години.

Земјата досега има издадено 9 еврообврзници, од кои шест се веќе исплатени, а во наредните години доспеваат за отплата уште три еврообврзници, издадени во 2020, 2021 и 2023 година во вкупен износ од 1,9 милијарди евра.

(С.Бл.)

 

ИЗДВОЕНИ