За 4 години намалена казната на Боки 13, му останаа уште неколку месеци

Апелциониот суд одлучи

1902

Апелациониот суд во Скопје му ја намали казната затвор за четири години на Бојан Јовановски познат во јавноста како Боки 13 за случајот „Рекет“. Според одлуката на второстепениот суд, казната му се намали од девет на пет години, па има за доиздржување уште неколку месеци. Одлуката следува по поднесеното барање од страна на одбраната на Јовановски, за преиначувања на одлуката на првостепениот суд, без повторување на постапката. Јовановски претходно бараше, но Кривичниот суд го одби барањето за повторување на судењето.

Според адвокатите, судиите ја донеле пресудата поради нови околности, односно до нив била доставена медицинска документација на осудениот, во кои била опишана  неговата здравствена состојба. Лекарите констатирале дека не може да биде лекуван во затворски услови бидејќи му бил отстранет дел од желудникот и од тенкото црево. Во документацијата имало и за  неговата состојба по двете операции додека бил во затвор. Јовановски во моментов е надвор од затвор, со отпуст за лекување дома.

Кон крајот на месец јануари, Јовановски објави на својот Инстраграм профил дека неговото здравје се уште е загрозено. Поранешниот телевизиски водител не сакаше да ги коментира своите проблеми, па оттаму побара и приватност.

„За да престанете со шпекулациите и дезинформациите, ќе ви го кажам ова. Да, точно е, по сите хируршки интервенции, насобран стрес, компликации, бројни дневни терапии и секојдневна борба со болеста, косата ми е падната и ставена ми е вештачка коса. Се надевам дека сега една група на поединци е задоволна и среќна… И доста веќе ми ја коментирате мојата болест и здравје. Само јас знам како се чувствувам и како сум. Дополнително, единствено што ве замолувам и барам е да не бидам предмет на вашето сожалување. Единствено барам достинствено, воздржано и човечко однесување.

Јас сум бил и ќе останам борец, а на поединците кои се радуваат, коментираат и се шегуваат на болест на друг им посакувам среќа, ќе им треба бидејќи кармата е кучка“, напиша тој на својот Инстаграм профил.

Јовановски кој во јавноста е позната ТВ личност, во случајот „Рекет“ беше осуден заедно со  екс специјалната обвинителка Катица Јанева, на 9 години затвор. Боки 13 беше осуден  за примање награда за противзаконито влијание и за перење пари, а поранешната шефица на СЈО, Јанева, за злоупотреба на службената положба и овластување. Обвинителството го гонеше Јовановски дека земал 1,5 милиони евра од бизнисменот Орце Камчев, заради негово спасување од кривичен прогон за случајот „Империја“ кој го отвори поранешното Специјално јавно обвинителство. Јанева и Јовановски беа спроведени во затворот Идризово на 23 јуни 2021 година на издржување на затворската казна. Во случајот обвинет беше и Зоран Милевски Кичеец, кој по признание на вина беше осуден на три години затвор. Боки 13 е обвинет и во случајот Меѓународен сојуз, се терети дека преку истоимената невладината организација измамил бизнисмени со проекти за изградба на Европски центар за возрасни лица и мобилни сервиси. Првостепената пресуда со која беше осуден на 9 години казна затвор, апелациониот суд ја укина и сега има повторно судење во Основниот кривичен суд.(П.А.)

 

ИЗДВОЕНИ