ЕВН Хоум од технички причини и на барање на понудувачите за дополнителен период за доставување понуди, го одложи за 28 ноември тендерот на кој треба да биде доставена понуда за цената со која ќе го снабдуват универзалниот снабдувач по 1 јануари.
За 27 ноември, како што информираат од ЕВН Македонија, е одложен и тендерот на Електродистрибуција за набавка на електрична енергија за покривање на загубите во системот. Досега понуда на тендерот на ЕВН Хоум доставуваше државната компанија АД ЕСМ.
Од тоа каква цена ќе понудат и колку од потребите на универзалниот снабдувач ќе задоволат најмногу, зависи какви сметки ќе имаат потрошувачите на регулираниот пазар по 1 јануари.
Моментално ЕСМ задоволува 100 проценти од потребите на ЕВН Хоум, по цена од 60 евра за мегават-час.
Се очекуваше денеска државната енергетска компанија да достави понуда на тендерите на ЕВН Хоум и Електродистрибуција. Премиерот Христијан Мицкоски пред некој ден изјави дека доколку има зголемување на цената на струјата, тоа ќе биде минимално од еден од три проценти.