Добитникот на Нобеловата награда за економија во 2013 година, Јуџин Ф. Фама, кого светот го препознава како татко на модерните финансии, дава мрачна прогноза за иднината на биткоинот, токму во време кога американскиот претседател Доналд Трамп се залага за прокрипто политики во државата.
Нобеловецот предвидува дека најпопуларната криптовалута ќе вреди нула долари не толку далеку во иднината, за само една деценија. Или, како што самиот вели, боткоинот ќе вреди нула биткоини, пишува „Д стрит“.
-Тоа е дигитално злато само ако има употребна вредност, рече Фама на еден поткаст, додавајќи со сарказам: „Ако нема употребна вредност, тоа е само хартија. Не, тоа не е ни хартија – тоа е воздух. Всушност, ни толку“.
Додека биткоинот моментално вреди неверојатни 96.731 долари според „Коин Греко“, а вкупната пазарна вредност му надминува 3,15 трилиони долари, Фама предупредува дека криптовалутите ги прекршуваат сите правила на средствата за размена.
-Тие немаат стабилна реална вредност. Тие имаат исклучително нестабилна реална вредност. Такво средство за размена не би требало да преживее, објаснува нобеловецот, чудејќи се зошто сè уште не дошло до голем крах.
Особено интересен е неговиот став за потенцијалниот „судир“ на традиционалниот финансиски систем со шпекулативните средства како биткоинот.
Тој предупредува дека опстанокот на криптовалутите ќе значи потреба од целосно преиспитување на монетарната теорија.
-Не можам да предвидам кога ќе пукне, но се надевам дека тоа ќе се случи. Ќе признаете дека не е многу вообичаено еден економист толку отворено да признае дека се надева на финансиски крах. Се надевам дека ќе пропадне бидејќи ако не се случи тоа, со монетарната теорија ќе мораме да почнеме од почеток. Можеби е веќе готово, но секако би морале да почнеме од почеток, вели тој, пренесува „Д стрит“.
Фама ја доби Нобеловата награда за економија во 2013 година, заедно со колегите Ларс Петер Хансен и Роберт Ј. Шилер за нивниот труд за цените на средствата.
Од друга страна, неодамна говорејќи на Светскиот економски форум во Давос, извршниот директор на „БлекРок“, Лери Финк, предизвика голема возбуда на финансиската и крипто-сцената со предвидувањето за биткоинот. Тој изрази увереност дека биткоинот може да достигне цена од 700.000 долари, нагласувајќи го како безбедно засолниште во време на девалвација на валутите и на политичка нестабилност.