
На Вирџил Ван Дајк, исто како и неговите соиграчи Мохамед Салах и Трент Александер-Арнолд, договорот со Ливерпул му истекува на крајот на сезоната, а се уште нема договор за продолжување на соработката.
Иако е фокусиран на актуелната сезона каде Ливерпул игра брилијантно и е на првото место во Премиер лигата, Ван Дајк може да преговара со заинтересираните клубови за преддоговор, но само со неевропските клубови.
Холандскиот интернационалец се уште важи за еден од најдобрите стопери во светот, а како што стојат работите од летото кариерата ќе ја продолжи далеку од „Енфилд“ како слободен играч.
Според тврдењата на новинарите од Шпанија, дефанзивецот има три големи понуди на маса за продолжување на кариерата, а тоа се понуди од Баерн (М), Реал (М) и Јувентус.
Трите клуба, наводно, веруваат дека Ван Дајк сè уште може да игра на врвно ниво и покрај тоа што наполни 34 години.
Гигантите не само што се воодушевени од неговите квалитети, туку и од тоа што можат да го доведат без никакво обештетување.
Наводно, Реал (М) е во најдобра позиција за потписот на Ван Дајк, кога се во прашање овие три клуба, но и Баерн (М) и Јувентус веруваат и имаат свои шанси во битката за потписот на овој одличен фудбалер.
Но некои медиуми од Шпанија тврдат дека Ван Дајк веќе го избрал тимот во кој сака да ја продолжи фудбалската кариера.
Станува збор за тимот на Барселона со кој наводно „флертува“ Ван Дајк, а се уште се чека некаков официјален контакт.
Како причина зошто Ван Дајк ја одбра Барселона, шпанските медиуми го наведуваат фактот дека повеќе од се сака да работи со Ханси Флик.
Во Ливерпул практично се води борба со времето кога е во прашање Ван Дајк, но и кога се во прашање новите договори на Салах и Александер-Арнолд.
Англичанецот кој е еден од најдобрите десни бекови во светот има понуда од Реал (М) и како што стојат работите кариерата ќе ја продолжи на „Сантијаго Бернабеу“.
Од друга страна, Салах има понуди од Саудиска Арабија каде би станал еден од најплатените фудбалери во светот.