Вучиќ: Во проектот за Генералштабот има и музеј на жртвите од НАТО бомбардирањето

71

 

Српскиот претседател Александар Вучиќ изрази позитивен став околу реализацијата на проектот на зетот на Доналд Трамп, Џеред Кушнер, за изградба на комплекс на местото на разурнатиот Генералштаб во центарот на Белград.

Зградата на генералштабот ја уништи НАТО во бомбардирањето во 1999 година, па според Вучиќ, покрај другото, реализацијата на овој проект би значело поправање на српско-амариканските односи, но како што потенцира, без заборавање на она што се случило.

При поставување камен-темелник на нова фабрика во Инѓија, во понеделникот, тој изјави во рамки на проектот за Генералштабот предвиден е и некој вид музеј, што би бил како музеј на жртвите, така и музеј на сè што се случувало. Тој рече и дека е многу среќен што конечно ќе се реши „тој проблем во центарот на градот“, потенцирајќи дека околу тој проект сè ќе биде транспарентно.

-Да им покажеме на луѓето што се случи тука, никој ништо од сето тоа да не крие, но да ги развиваме и понатаму Белград и нашата земја со големи и значителни инвестиции, истакнал Вучиќ, пренесе Спутник.рс.

Српскиот претседател во изјавата што им ја дал на новинарите додал дека секој кој ќе види како е планирано да изгледа тој простор ќе биде одушевен, имајќи предвид во каква состојба е тој простор сега.

-Се надевам дека ќе имаме доволно време да ги преместиме Генералштабот и Министерството за одбрана. Потоа да ја обновиме велелепната зграда на Седмиот полк, која гледа кон Мањеж. Тоа се големи резултати, големи инвестиции. Белград во наредните две години треба да добие и големи светски хотели и станува светска метропола. А сè ќе биде апсолутно транспарентно, никој не сака ништо да крие, рекол Вучиќ.

Во објава на платформа Х на 15 овој месец, Џерад Кушнер напиша дека е „возбуден што може да ги сподели со јавноста раните проекти за градежни проекти планирани за албанскиот брег, како и за центарот на Белград“.  За „Њујорк тајмс“ тој изјави дека договорот сè уште не е потпишан, но дека преговорите поминале долг пат и се надева дека договорот ќе биде затворен. Весникот во понеделникот објави дека инвестицијата е вредна 500 милиони долари и дека според предложениот договор, Србија треба да добие 22 отсто од профитот, а просторот го дава под закуп на 99 години.