ВУЧКОВ: Ако во ЕУ гледаат на нас како на аграрна земја, како ќе им објасниме дека ние увезуваме храна!

2065

Ристо Вучков, доктор по земјоделски науки од Струмица и некогашен професор на Земјоделскиот факултет во Штип, пред две години во интервју за весникот ВЕЧЕР изјави дека македонското земјоделство е на колена и доколку не се преземат порадикални мерки во идниот период, многу брзо Македонија од аграрна ќе стане земја зависник од увоз на храна.

Денес, две години подоцна, разговаравме со професорот Вучков, кој вели дека не само што ништо не е сменето во пристапот кон земјоделството, туку ситуацијата станува повеќе од драматична.

* Професоре, ситуацијата со земјоделството, како единствена област која обезбедува храна и со тоа опстанок на населението во Македонија, е повеќе од драматична. Најнапред, кажете ни зошто ни се случи, Македонија, која ја хранеше цела некогашна Југославија, од извозник на земјоделски производи да стане увозник на храна?

– Може да кажам дека аграрот во Република Македонија оди во сосема лош правец. Она што мене ме загрижува е неодамнешниот податок дека Македонија произведува само 20% од земјоделските производи, додека 80% увезува. Развојот на земјоделството зависи најнапред од стратегијата на, јас ги нарекувам, не политичарите, туку политикантите. Токму тие, за изминатите 30 години од осамостојувањето не успеаја да создадат одржливо земјоделство, и од Македонија, која со своите земјоделски производи успеваше да ја храни една Југославија, па дури и извезуваше храна, да го донесат земјоделството на такви ниски гранки, што веќе стануваме земја која станува зависник од увоз на храна.

Бидејќи сум над 50 години во земјоделството, добро се сеќавам на еден состанок на поранешниот претседател Киро Глигоров со земјоделските експерти, кога кажа: „Македонија, со нејзината местоположба е едно парче земја каде што Господ дал многу погодности, а аграрот е нашата најголема предност што ја имаме и доколку се посвети должно внимание на неговиот развој, ние како држава ќе имаме поголем стандард дури и од една земја каква што е Луксембург”, a Луксембург тогаш имаше највисок БДП по глава на жител во Европа.

Но, наместо најголемо внимание да му се посвети токму на аграрот, во пракса се случи трагичната приватизација, со која згаснаа за кратко време најголемите земјоделски комбинати и наместо здружување во аграрот, ние имавме ситнење на земјоделските површини. Тогашните комбинати кои вработуваа по 2.000 до 3.000 луѓе, и произведуваа храна и за извоз, наместо тогашните политичари да најдат начин, тие комбинати да продолжат со работа, сите тие гиганти беа дадени на бизнисмени кои за кратко време не само што ги отпуштаа вработените туку, од година во година го донесоа аграрот во една таква критична ситуација што денеска не успеваме да произведуваме доволно храна дури ни за сопствени потреби. И, сега имаме ситуација, поради лошата аграрна политика, поради неконсултирањето со земјоделските експерти, младата работна сила да ја напушта државата, и на нивите да ни останат само нивните родители кои останаа да произведуваат храна. Лично јас, пред десетина години, имав над 6.000 земјоделски клиенти од општините од југоисточниот регион, на кои им помагав со моите знаење и совети како да дојдат до побогат род, како со квалитет така и количински, додека денеска 3.000 до 4.000 од нив веќе се надвор и произведуваат храна за странските земјоделски компании.

Аграрот, не само што стана „последно дупче на свирчето, туку, сликовито да опишам, ако продолжи ваквото назадување во аграрот, нè очекува ситуација дека за земјоделието ќе нема да остане дури ни дупче на свирчето, толку е лоша работата, верувајте ми.“

* Драматично влошување на состојбата во земјоделството покажуваат податоците на Државниот завод за статистика за 2023 година. Се намалува обработливата земјоделска површина, засеаните површини под растителни култури, почнувајќи од житата, индустриски и фуражни култури, како и кај градинарски култури. Има намалување и на производството, па така кај јаболката намалувањето е за 51,2%, крушите за 41,2%, сливите за 46,1% и праските за 50%. Кај останатите култури поголемо намалување е забележано кај сончогледот за 39,5%, доматите за 23%, краставиците за 34,3% и крмната пченка за 31,7%, а кај тутунот е забележано намалување на производството од 8,7% Може ли, професоре, ова да се спречи?

-Најнапред ќе зборувам за проблемите, а потоа за тоа дали има излез од ваквата ситуација со аграрот. Точно, се намалуваат драстично обработливите земјоделски површини, и ситуацијата станува драматична. Главна причина за ова мислам дека е тоа што кај власта, аграрот не е во фокус на интерес, па дури се нема ниту визија што понатаму. Како инаку да се објасни податокот дека голем дел на најквалитетните земјоделски површини се трансформираат во градежно или индустриско земјиште, на кое никнуваат фотоволтаици, ветерници, странски индустриски капацитети. Да се разбереме, не сум против инвестициите, но, наместо да се гради на земјиште со квалитет од шеста класа, ние уништуваме земјиште од прва класа, на кое треба да произведуваме квалитетна храна.

Исто така, видлива е спрегата на политиката и бизнисот, односно на поедини профитери, кои го уништуваат трудот на земјоделецот, заработувајќи на неговата мака, откупувајќи ги нивните производи по багателни цени. Прекупците се рак-рана на земјоделското производство. Еве, оваа година прво почна со зелката, таа дојде до 2 денари откупна цена, младиот компир, во спрега со откупувачите од 60 денари, падна на 15 денари, со доматите и со житото е слично. На ова треба да му се стави крај.

Она, што не можам да си го објаснам е следново. Ако во ЕУ гледаат на нас како на аграрна земја, како ќе им објасниме дека ние, пченицата, која е нели стратешки производ за секоја земја, дозволивме, наместо да ја произведуваме на нашите полиња, секоја година да ја увезуваме од Србија и тоа во количества од 60 до 80 илјади тони. Ова е вистинска трагедија на нашето време. Агенцијата за храна и ветеринарство тврди дека македонскиот земјоделец произведува квалитетна и сигурна храна. Но, бидејќи јас сум секојдневно на терен, ќе ви кажам дека, како експерт за заштита на растенијата, земјоделците се оставени сами на себеси, на милост и немилост. Спроведуваат заштита на растенијата по сопствено убедување, прихрануваат со минерални ѓубрива без да се консултираат со стручни лица, а она што е најопасно неконтролирано употребуваат двојно повеќе од потребното пестициди и резуиди, со кои не само што се загадува почвата, туку што е уште поопасно, се загрозува и здравјето, како на производителите, така и на консуматорите, бидејќи преголемата доза на вакви хемиски средства може да доведе до појава на разни болести, па дури и на канцер. Е, сега какво е моето мислење дали има „иљач“ за македонското земјоделство. Веднаш ќе кажам, има. Најнапред, треба промени во образованието, треба да се продуцираат кадри од Земјоделскиот факултет, кои ќе добиваат стручно знаење. И покрај големиот број факултети на кои се изучуваат тајните на современото земјоделство, ние во Македонија сè уште „произведуваме“ такви кадри кои во практиката не можат да се носат со современите земјоделски трендови. Со еден збор, ни недостига едуциран кадар.

Освен образованието, потребно е окрупнување, здружување на земјоделците и регионализација на производството, секој од регионите да биде задолжен да произведува она што е карактеристично за тоа подрачје. Тиквешкиот да произведува грозје, Преспанскиот, јаболко, Струмичкиот, градинарски култури, Гевгелиско-валандовскиот, јапонски јаболка и смокви, Пелагонија и Овче Поле жито итн.“

* Какво е Вашето мислење, професоре, во поглед на субвенциите, и покрај тоа што за субвенции во земјоделството државата издвојува над една милијарда евра, Македонија е зависна од увоз. Дали субвенциите промениле нешто?

-Субвенционирањето, може да кажам е чиста злоупотреба на вистинските земјоделци, кои наместо со нив да добиваат бенефит, финансиските средства завршуваат на друго место. Денарот кој ЕУ го дава треба да се употреби за технолошко-техничко осовременување на земјоделството, а не да завршува во нестручни раце.

И, сега имаме ситуација ваква, на пример наместо Тиквешкиот Регион да биде најголем произведувач и откупувач на грозје, не само од цела Македонија, туку и од Балканот, политикантите решија да отворат 40 мини винарски визби, дадоа субвенции од 95 милиони евра на свои политички „пријатели“, кои немаат соодветни енолози во своите мини винарници, немаат соодветни технолошки услови и не можат да произведат квалитетен производ за странскиот пазар.

* Колку во иднина земјоделството ќе зависи и од климатските промени. Предвидувањата се дека до 2050 година температурата во Македонија просечно ќе се зголеми за 1,9 степен, а во летните месеци за 2,5 степена, додека количеството врнежи годишно ќе се намалат за пет отсто, а во летните месеци и до 17 отсто. Најранлива локација, според овие анализи, ќе биде Повардарјето каде што се произведува грозјето, а ќе биде критично и во Струмичкиот и во Гевгелискиот Регион, но и за производството на доматите, а во Скопско-кумановската долина и Овчеполието загрозено може да биде производството на зимската пченица. Како да се дејствува да се спречи влијанието на климатските промени за да нема намалување на производството на храна?

– Од климатските промени ќе зависи развојот на земјоделството во иднина, и тоа многу. Во последните неколку години има големо нарушување на климатските услови и наместо, како некогаш, да имаме четири годишни времиња, сега имаме само две. Не знаеме што е зима, што е снег, што се ниски температури, кои ги уништуваат сите патогени болести. Климатските промени, ќе покаже иднината, се една од најголемите можни трагедии кои може да влијаат врз земјоделските култури. Од друга страна, секој растителен вид зависи од количеството вода што го прима. Веќе два месеца немаме поголеми врнежи, акумулациите се празнат, односно се на технички минимум, а сега, сред лето потребно е и тоа како квалитетно наводнување, а недостатокот на вода рапидно го намалува производството на секоја земјоделска култура.

* На крајот, како ја гледате иднината на македонското земјоделство, каде оди, дали сте оптимист дека ќе биде подобро?

-Јас по природа сум оптимист секогаш, но ќе бидам поголем кога ќе видам дека во менталниот склоп и на политичарите и на земјоделците во поглед на земјоделството нешто се менува, ќе бидам уште поголем. Но, да бидам јасен, без добро образование, без добри стручни кадри, без регионализација и окрупнување на земјоделските површини, без работна рака и без вистински луѓе на вистинско место во земјоделството, не може да напредуваме. Господ ни дал 274 сончеви денови, типот на нашата почва е квалитетен, како што велат, што и да посееш, тоа и ќе никне, и затоа, штета е сето ова да не го искористиме. Македонија, со исправна аграрна политика може за многу кратко време да го рехабилитира земјоделството, бидејќи македонскиот земјоделец, иако се соочува со одлив на работна снага е мошне самопрегорен, и кога ќе му се даде добра мотивација, добра откупна политика, тие ќе произведуваат квалитетни земјоделски производи. Сега, на терен земјоделците велат, ако се промени нешто, ние сме подготвени и во фолиите да спиеме, но во овие услови, кога ќе ни дојде прекупецот и ќе ни понуди многу малку пари за нашиот труд, ние сме демотивирани и разочарани.

Љубчо АЛЕКСОВСКИ