Вучиќ од ОН: „Ние не сме слуги ниту на САД, ниту на Русија“

43

Србија, и покрај актуелните глобални предизвици, постојано истрајува во одбраната на принципите на Повелбата на Обединетите нации и меѓународното право, изјави во вторникот српскиот претседател Александар Вучиќ за време на генералната дебата на 79-то заседание на Генералното собрание на Обединетите нации (ОН) во Њујорк.

„Кога зборуваме моментално и оваа година, на мое неизмерно жалење, морам да констатирам дека ситуацијата во светот изгледа уште потешка и помрачна од пред една година. Тензиите растат, а предизвиците се побројни и посложени. Она што најмногу ме загрижува е што и покрај нашите декларативни напори за мир, развој и просперитет на човештвото, на овој геополитички кошмар не му се гледа крајот“, рече Вучиќ.

Тој потсети на зборовите на Џон Ф. Кенеди: „Човештвото мора да стави крај на војната, пред војната да стави крај на човештвото“.

„Србија и нејзините граѓани ја споделуваат болката со сите оние кои гинат во војни, како на Блискиот Исток така и во Украина. Се чини неверојатно дека светот е на работ на нуклеарен холокауст. Се приближуваме до работ на бездната“, рече тој, пренесува српски Телеграф.

„Мораме да ја вратиме вербата во мирот, единствениот пат кој нема алтернатива. Тоа им го должиме на сите генерации, иднината на светот е наш избор и одговорност…“

Тој предупреди дека Повелбата на ОН е уништена.

„Ќе објаснам користејќи го примерот на мојата земја, најубавата Србија, како е урната и газена. По големите победи во Првата и Втората светска војна, а Србите како народ имаа најголеми пропорционални загуби во Првата светска војна. Ние бевме меѓу првите кои им се спротивставија на нацистите. Не подготвувавме цвеќе за нацистичките тенкови и плативме висока цена“, рече тој.

Вучиќ посочи дека ќе зборува за преседан за кој сите молчат.

„Надмоќта на Западот доведе до крајот на историјата и целосно владеење на западните идеи во сите делови од општествениот живот. Таков недостаток на рамнотежа ги сруши и СССР и Југославија. Тоа не се случи случајно или само по себе, туку со учество на западните служби, и во СССР и во Југославија. Денес од многумина слушнавме дека нападот на Украина ја отвори Пандорината кутија. Тоа не е вистина“, истакна тој.

Тој повтори дека Србија го поддржува територијалниот интегритет на Украина. Но, тој се пожали дека лидерите на големите сили бараат почитување на Повелбата на ОН, но не и кога е Србија во прашање. „Во налет на сопствената моќ, кога мислеа дека можат да прават што сакаат, почнаа да ги кршат нормите на меѓународното право. Ги погазија сите норми на меѓународното право, не ни бараа објаснувања! Ја нападнаа Србија и извршија агресија, а не им беше грижа за Повелбата на ОН“, рече тој.

„Што можеме ние како претседатели на слободарските земји? Тие со години лажат дека ќе донесеме војна на Балканот поради Русија. Ние не сме слуги ниту на САД, ниту на Русија. Сакам да ги разберете механизмите на лагата и дека сите заедно се обидуваме да се собереме овде и да ја промениме оваа организација. Светот е на работ на катастрофа“, убеден е Вучиќ.