Вучиќ од Брисел: „Немаше средба со Курти, не сакаше или не му беше дозволено да се сретнеме“

318
EPA-EFE/OLIVIER HOSLET

Српскиот претседател Алекснадар Вучиќ изјави дека во Брисел имал соодветни билатерални средби со високиот претставник на Европската унија за надворешни работи и безбедност, Жозеп Борел и специјалниот пратеник на ЕУ, Мирослав Лајчак, но дека немало билатерална средба со косовскиот премиер Албин Курти, бидејќи Курти не сакал да се сретне со него.

„Коректна средба со Борел и Лајчак. Втор состанок немало со Курти, бидејќи Курти не сакал или не смеел да се сретне. Три пати се враќав на состанокот, ми ги пренесоа неговите пораки, па јас одговорив“, изјави Вучиќ пред новинарите во Брисел.

На прашањето што е спорно, зошто премиерот на Косово ја одби билатералната средба, Вучиќ одговори: „Ништо, не сака човекот да ме види“.

„Тој не е подготвен да се сретне со мене, тоа беше официјалниот одговор“, рече претседателот и додаде дека Курти рекол дека главните преговарачи ќе го продолжат дијалогот.

„Човекот не сакаше да се сретнеме. Можев со Борел и вака или онака, со Лајчак се сретнав претходно. Не би поминувал толкав пат“, изјави Вучиќ коментирајќи ја ситуацијата во Брисел.

Тој рече дека билатералната средба со Жозеп Борел била многу успешна и дека се разговарало за „сè“: спроведувањето на различни договори и ситуацијата на Косово и Метохија.

На прашањето како ќе продолжи дијалогот, Вучиќ најави дека главните преговарачи Петар Петковиќ и Бесник Бисљими ќе се сретнат во вторник или среда.

„Очекувам продолжение и ни претстои многу работа. Тоа е тешка работа за сите наши луѓе кои работат напорно“, изјави Вучиќ по денешните средби во Брисел.