Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека власта добро ја сфатила пораката од денешниот протест, наведувајќи дека ќе мора нешто да сменат.
„Што се однесува до политиката, ние сме добро, без разлика колку чинеше сето ова, колку пари беа вложени, ние добро ја разбравме пораката и сите луѓе на власт мора да ја разберат пораката кога имаат толку многу луѓе кои ќе се соберат околу нив, а ние ќе треба да се промениме и да научиме многу од тоа. Од друга страна, се надевам дека и другите разбраа дека мнозинството на Србија не сака обоена револуција“, рече Вучиќ на прес-конференцијата одржана во Палатата Србија, во Нов Белград.
Вучиќ ги повика студентите „добро и искрено, без притисок од лажни експертски групи и професори со политички амбиции“, да ги анализираат првите три барања и да увидат дека се исполнети, додавајќи дека жали што го исполнил третото барање.
„Ова трае веќе четири и пол месеци. Граѓаните можеа да видат дека тие што го организираа ова, особено опозицијата, не се грижат многу за трагедијата. Да не го откриевме оружјето кај Абердарева, како и плановите на новосадската група, којзнае како ќе завршеше ова. Не сме сигурни дека откривме сè. Се сомневаме дека има скриен стан во кој членови на криминална група криеле оружје“, рече тој.
„Благодарност и на огромен дел од Србија, на милиони луѓе кои со загриженост го следеа сето ова, кои покажаа трпение и толеранција и покажаа дека знаат да ги слушнат и да ги слушаат барањата на другата страна. Ние не извадивме цистерни или водени топови, а вие го слушавте сето тоа. „Се обидуваме да покажеме дека сме подемократски од оние кои ни солат памет за тоа“, додаде Вучиќ.