Вучиќ: Уште пет дена до обидот за револуција – не можат да ме урнат, би влегле во конфликт со војската

1793

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, во Главниот одбор на владејачката Српска напредна партија изјави дека „остануваат уште пет дена до обидот за револуција и уривање на уставниот поредок, што е едно од најтешките кривични дела во Србија“, пренесува N1 Србија.

„Главното барање по преземањето на институциите ќе биде формирање некаква преодна влада. Тие не можат да го соборат претседателот, бидејќи знаат дека тоа би ги довело во конфликт со армијата и со се друго“, рече Вучиќ.

Тој рече дека „единствениот план им е да го преземат српскиот парламент и Радио и телевизија на Србија“, додека зградата на Претседателството „не може да се земе, туку ќе ја опкружат и ќе ме принудат да потпишам преодна влада, но тоа нема да можат да го направат“.

Вучиќ рече дека „додека е жив“ нема да прифати никаква преодна влада, дека „ќе мора да го убијат“ и дека тоа е негов завет и дека „нема да ја предаде земјата на измамници“, што беше поздравено со овации и аплаузи.

Тој најави дека вечерва ќе зборува на информативната програма на Радио и телевизија Србија, доколку, како што изјави, не биде спречен во тоа.

Од ноември 2024 година, Србија е потресена од масовни протести против корупцијата, предизвикани од уривањето на настрешница на железничката станица во Нови Сад, при што загинаа 15 лица. Протестите започнаа во Нови Сад, а набрзо се проширија и во Белград и во други градови, собраа илјадници граѓани кои бараат одговорност од властите за несреќата и борбата против корупцијата. ,

Студентите презедоа водечка улога во организирањето на протестите, користејќи дигитални комуникациски канали за мобилизација. Во текот на јануари 2025 година, протестите се интензивираа, вклучително и блокади на клучните патишта во Белград и други градови. И покрај оставката на премиерот Милош Вучевиќ на крајот на јануари, протестите продолжија, со цел постигнување подлабоки политички промени и борба против корупцијата. ,

За 15 март 2025 година е најавен голем протест во Белград на кој се очекува масовен собир на граѓани од целата земја за да се изрази незадоволството од актуелната политичка состојба и да се побара промена.

ИЗДВОЕНИ