Српскиот претседател Александар Вучиќ синоќа приреди вечера за Доналд Трамп Помладиот, по средбата меѓу српските бизнисмени и синот на американскиот претседател. Трамп Помладиот втор пат за месец и половина е во посета на Белград.
„Многу странци, со право, велат дека сум тежок човек и дека не е лесно да се разговара со мене, но се уште никој не кажал дека не сме гостопримливи“, напиша Вучиќ на својот Инстаграм профил. Ова прасе го подготвивме за Доналд Трамп Помладиот…. П.С. Би било глупаво да понудиме ракчиња и орада“, напиша Александар Вучиќ.
View this post on Instagram
Претходно беше одржана средба меѓу српските бизнисмени и синот на американскиот претседател, објавено е на Инстаграм профилот на Стопанската комора на Србија.
„Ви благодариме за одвоеното време и што ни дадовте можност да ве запознаеме со некои од нашите големи претприемачи“, се вели во објавата. Се оценува и дека на средбата била отворена дискусија меѓу српските бизнисмени и Трамп Помладиот.
Марко Чадеж, претседател на Трговско-индустриската комора на Србија, за Блумберг Адриа изјави дека на состанокот биле присутни 33 бизнисмени и директори на домашни компании кои вработуваат над 35.000 луѓе, нагласувајќи дека ниту еден сектор не останал непокриен.
Како што наведе, имаа можност да ги претстават своите бизниси и проекти на кои работат.
Ова е втор пат синот на американскиот претседател да го посети Белград. Тој првпат ја посети српската престолнина за време на кампањата за претседателските избори во Америка, на крајот на септември минатата година. Тој е претприемач и извршен потпретседател во Трамп организацијата.