Српскиот претседател Александар Вучиќ по вчерашниот хаос на седницата на Народното собрание изјави дека чека да слушне што ќе каже обвинителството, но дека нема да мирува „додека тие што го направиле ова не одговараат“.
Вучиќ изјави дека вчера бил тежок ден за Србија, за секој нормален граѓанин на земјата, поради „насилничко и хулиганско однесување“ и сцени кои не се видени од воспоставувањето на повеќепартиската политика.
Вучиќ рече дека ќе бара кривична одговорност за одговорните за вчерашните сцени.
Според него, пратеничката Соња Илиќ, која е во осмиот месец од бременоста, е добро, како и нејзиното бебе, додека Јасмина Обрадовиќ, која ја посети, е стабилна по мозочниот удар.
Пратеничката Јасмина Каранац била испрскана со бибер-спреј од пратеникот Милош Јовановиќ, изјави Вучиќ и додаде дека разговарал со неа.
Тој им се заблагодари на пратениците, на дел од министрите и на претседателката на Народното собрание, Ана Брнабиќ, за, како што рече, чесното и храбро однесување на седницата.
Вучиќ додаде дека претставниците на опозицијата со измама донеле димни бомби од картон и пластика во Собранието, истакнувајќи дека ги внеле во долна облека.
Според него, претставниците на опозицијата ги радикализираат протестите бидејќи, како што вели, забележуваат пад на поддршката за протестите и гледаат дека луѓето не сакаат насилство, а оцени дека опозициските претставници се нервозни.