Вучевиќ: Многу работи се непознати за несреќата во Нови Сад, спротивставени мислења на луѓето од професијата

742
EPA-EFE/MARKO KAROVIC

Српскиот премиер Милош Вучевиќ денеска изјави дека многу работи се непознати за несреќата во Нови Сад во која загинаа 14 лица кога врз нив падна настрешницата на железничката станица и дека има многу спротивставени мислења од луѓето од оваа професија.

Вучевиќ, кој моментално престојува во Шангај, рече дека тоа е многу сложено прашање.

„Истрагата е во рацете на Вишото јавно обвинителство и полицијата, а почнаа сослушувањата за сите оние што обвинителството ги гледа во синџирот на одлучување во врска со работите на Железничката станица“, изјави тој за новинарите.

Премиерот Вучевиќ додаде дека политичка одговорност мора да постои и дека треба да се направи на мирен и одговорен начин.

„Зборував со претседателот на Србија и таа одлука ќе ја донесеме со ладна глава, рационално, а не со твитови и објави на социјалните мрежи“, изјави Вучевиќ за новинарите во Шангај, каде што учествува на кинескиот саем за увоз.

Посочи дека нема бегање од таа одлука и дека ќе биде резултат на одговорна политичка дискусија и објективна проценка на состојбите и дека тука не се работи за кривична, туку за политичка одговорност поврзана со менаџментот на државата, градот, ресорот или некоја фирма, и дека кривичното дело ќе го утврдуваат полицијата и обвинителството, односно судот.

„Ќе видиме каква ќе биде конечната одлука. Не се бега од тоа, не се краде време. Мислам дека најважно е да се разбере болката на семејствата на оние кои настрадаа, да се дозволи она што е дел од обичајот, дел од културата, а тоа е семејствата да можат на мир да ги погребаат и да ги испратат своите настрадани и сите да го почитуваат тоа, рече Вучевиќ.

Рече и дека истрагата е во рацете на јавното обвинителство и полицијата, додавајќи дека бил информиран дека се сослушуваат и земаат изјави од сите кои се во синџирот на одлучување и носење одлуки за реконструкција или работи на железничката станица во Нови Сад.

„Многу работи се непознати во моментов и вистината мора да се каже. Никој не ги има сите податоци бидејќи навистина е многу сложено прашање дали е направено или не, ако е така кога е направено и што е направено, зборуваме за целата железничка станица, потоа како се случи несреќата, што се случи, како е можно конструкцијата да попушти, како е можно наеднаш да попушти’, рече српскиот премиер.

Забележа дека има спротивставени мислења од луѓето од струката и дека градежните стручњаци можат да помогнат и да кажат што се случило.

ИЗДВОЕНИ