Министерот за транспорт и врски, Александар Николоски се сомнева дека второстепената комисија за жалби по јавни набавки работи тенденциозно, затоа што ги отфрла сите жалби на учесниците на тендери за одржување на патишта, а ги добива само една фирма од Кичево  – „Мирсад Комерц“.

– Ќе направиме се со Јавното претпријтие за државни патишта за да ги раскинеме сомнителните тендери за одржување на патиштата и оддржувањето да се прави во соработка со „Македонија пат“ – рече Николоски.

Тој потсети на негова прес-конференција на која кажал дека ЈПДП наместо да даде средства на „Македонија пат“ за ги чисти автопатите и да ја коси тревата по автопатите што е работа на „Македонија пат“, дала тендер на приватна фирма „Мирсад Комерц“ за 2 милиона евра.

– Оваа фирма е случајно од Кичево од каде е и лидерот на ДУИ. Во овие години ниту гранки видовме пресечени, ниту трева видовме дека исчистила фирмава. На одење стариот директор на ЈПДП повторно распишал тендер за истава фирма „Мирсад Комерц“ која што магично го добила истиот. Останатите фирми се жалат и второстепената комисија по жалби за јавни набавки колку што сум информиран ги одбива сите жалби. Сакам да го прашам претседателот на второстепената комисија која по суштина треба да е независно тело, како е можно да ги одбијат жалбите на сите останати компании и „Мирсад Комерц“ треба да продолжи да работи – рече Николоски.

Министерот прашува како е можно таа второстепена комисија да донесе ваква одлука имајќи предвид, како што рече „за нејзиното работење имаше вакви сомнежи“.

– Еве земете го РЕК Битола каде што иста компанија „Марковски компани” ги добива тендериве во изминтиве 4-5 години, а состојбата во РЕК Битола е катастрофална – истакна Николоски.

Министерот повика Јавното обвинителство да ја преиспита работата на второстепата комисија по жалби за јавни набавки, бидејќи како што рече, носеле сомнителни одлуки.