Во заборавените објекти во сопственост на државата, наскоро ќе влезат градежни работници. Владата направи измени на Законот за градење со цел да го заштити државниот капитал, затоа што голем дел од наследените проекти од претходните влади се заглавени, започнати и не се довршени. – Со законскитe измени ќе овозможиме да се доизградат патиштата, зградите во Универзитетскиот кампус, зградата на Народна банка и сите други заглавени проекти од претходната власт. Мораме да ги заштитиме државните интереси, вели министерот за транспорт и врски, Александар Николоски
Наскоро би можеле да се видат градежни работници како работат на градилиштата кај Универзитетскиот кампус во Скопје и до МНР, каде што се наоѓа карабината на новата зграда на Народната банка. Овие градилишта веќе неколку години се затворени и ништо не се прави на објектите.
Министерството за транспорт и врски многу брзо ги заврши потребните законски интервенции за да може да продолжи нивната изградба. Министерот Александар Николоски изјави дека денеска на владина седница поминале измените на Законот за градење и согласно со законските прописи ќе бидат испратени на разгледување и усвојување во Собранието.
– Со законскитe измени ќе овозможиме да се доизградат патиштата, зградите во Универзитетскиот кампус, зградата на Народна банка и сите други заглавени проекти од претходната власт. Мораме да ги заштитиме државните интереси – вели Николоски.
Овие измени се насочени кон унапредување на процесите за издавање на одобренијата за градење и поедноставување на постапките за инфраструктурни проекти доминантно спрема јавните органи.
– Целта на предложените измени е да се решат сите затекнати проблеми во текот на градбите, како и да се олесни користењето на објектите, со што ќе се овозможи побрза и поефикасна реализација на инфраструктурните проекти. На тој начин се овозможува реализација на веќе започнатите градби од страна на државните органи преку нивна доизградба и делот на ставање на употреба. Со измените исто така се олеснуваат постапките за изградба на патна и железничка инфраструктура финансирани од буџетски средства – истакна Николоски.
Тој смета дека ова е неопходен чекор во заштита на државниот капитал затоа што голем дел од наследените проекти од претходните влади се заглавени, започнати и не се довршени.
Во двете згради на Универзитетскиот кампус во Скопје треба да се сместат студентите на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство и на Факултетот за физичка култура, спорт и здравје. Зградите почнаа да се градат пред 10 години и се уште се надворешни. Фирмата што ги градеше „Бетон“ – Штип отиде во стечај, а проектите претрпеа одредени измени во финалниот надворешен изглед. Беа дизајнирани во барок стил.
Минатиот месец од Министерството за образование и наука направија увид во состојбата на објектите со оглед на тоа дека повеќе од 7 години не се реализирани никакви активности. Што побрзо вселување очекуваат студентите на ФИНКИ и на ФФК кои се уште студираат во старите објекти кои дел од нив се дотраени.
Објектот на Народна банка почна да се гради во 2016 година и со интервенциите во законската регулатива ќе се продолжат роковите за негово довршување откако во 2022 година беше раскинат договорот со градежната компанија „Бетон“. Имено, треба да се добие одобрување од надлежниот орган на неопходните измени на Одобрението за градење, за што се доставува барање со приложено усогласување на проектната документација, усогласување на Основниот проект согласно досега изведените работи, усогласување кај евентуалните застарени технологии и преиспитување на техничко-технолошките решенија, наспроти евентуални промени во регулативата и стандардите, како и заради подготовка на нова предмет-пресметка.
Досега се завршени 62 проценти од работите на зградата за што централната банка потроши речиси 15 милиони евра. Банката ќе треба да распише и тендер за избор на изведувач кој се очекува да биде со повисок износ поради растот на цените на градежните материјали.
Зградата, која се наоѓа во непосредна близина на Министерството за надворешни работи, според проектот треба да има осум ката, на врвот ќе има купола, барокна фасада, а на влезот антички столбови. Автори на идејното решение за изгледот на зградата се Никола Стакинов и Лазар Димов.
Се регулира добивањето градежни дозволи за новите градби за складирање на енергија до 1 и над 1 мегават
Министерот за транспорт и врски, Александар Николоски, додава дека со предложените измени на Законот за градење се прави и усогласување на Законот за урбанистичко планирање во делот на новите градби за складирање на енергија до 1 и над 1 мегават.
– Со новите измени се прави законско регулирање на таквите градби преку издавање на одобрение за градење за кои досега за нив немаше регулирана процедура. Министерството за транспорт овие измени ги направи во тесна соработка со општините и јавните претпријатија, сè со цел да се поедностави постојната регулатива во областа на градежништвото и инфраструктурата. Со сите овие измени сметаме дека ќе се создадат поповолни услови за реализација на капитални проекти – нагласува Николоски.
(С.Бл.)