Врвен приоритет за 2025 година е економско заживување на Македонија

13

Поттикнување силен циклус на економски раст, подобрување на транспортната инфраструктура, зголемување на животниот стандард, создавање квалитетни работни места, модернизирање на образовниот систем и забрзување на дигиталната трансформација, се само дел од стратешките приоритети за периодот 2024 – 2028 година. Во функција на нивна реализација е и Програмата за работа на Владата во 2025 година што беше донесена на последната седница.

Како што информираше владиниот портпарол Марија Митева, презентирајќи ја Програмата, економското заживување на државата е врвен приоритет.

Според Митева, одредена е динамика по месеци за реализација на Програмата, што е потврда за транспарентноста и предвидливоста на Владата.

Програмата има два дела, еден се однесува на акти и материјали по кои одлучува Собранието, а другиот се однесува на Владата.

– Програмата е во функција на остварување на стратешките приоритети за периодот 2024 – 2028 година, секој дизајниран да одговори на итните предизвици: обновување на довербата во институциите, ефикасна борба против криминалот и корупцијата, како и владеење на правото. Програмата има за цел да даде навремена испорака и мерливи резултати – изјави Митева на прес-конференција.

Во првиот дел од Програмата има над 120 предлог-законски решенија, меѓу кои се и Предлог-законот за управување со движења на предметите во судовите, како и Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот спречување на корупција и судир на интереси, додека вториот, како што истакна Митева, има поширок опфат и се однесува на сите сегменти.

-Во вториот дел пак, кој се однесува на работата на Владата и на акти и материјали коишто ги носи Владата, опфатот е поширок на сите сегменти. Би го споменала делот на образованието како што се реконструкција на училишни објекти, годинашниот буџет е за 6 милијарди денари повисок од оној што беше во минатата година или вкупно е 38 милијарди денари. Зголемени се блок дотациите кон општините затоа што ќе се прави покачување на платите на вработените во образованието веќе од месец март за 7%, посочи Митева.

Притоа, додаде дека од овој месец повисоки плати ќе добијат вработените во високообразовните установи. Наставниот кадар за 14, а ненаставниот кадар за 8 проценти.

-Во програмата за работа на Владата околу стотина активности се однесуваат на обврските од Реформската агенда за 2024-2027 година и Планот за раст на земјите од Западен Балкан, што уште еднаш ја потврдува сериозната заложба за реформи кои се однесуваат на препораките од Европската Унија, вели владината портпаролка.

 

ИЗДВОЕНИ