Врховниот суд во Венецуела ја казни социјалната мрежа „ТикТок“ со 10 милиони долари поради неуспехот да спроведе мерки за спречување на вирусни видео предизвици, кои наводно доведоа до смрт на три деца во земјата.
Судијката Тања Д’Амелио рече дека „ТикТок“ постапила несовесно и и дала рок од осум дена да ја плати казната, а исто така и наредила на компанијата да отвори канцеларија во Венецуела за да ја следи содржината и да се осигура дека е во согласност со локалните закони.
Д’Амелио додаде дека Венецуела ќе ја принуди „ТикТок“, социјалната мрежа чија матична компанија ByteDance е со седиште во Кина, да ја плати наметнатата казна.
Венецуела веќе блокираше голем број веб-страници во изминатите години поради непочитување на прописите поставени од комисијата за телекомуникации.
Во ноември, венецуелскиот претседател Николас Мадуро го обвини „Тикток“ за смртта на 12-годишното девојче, кое почина откако учествуваше во предизвикот „ТикТок“, кој вклучува земање лекови за смирување и несоница.
Министерот за образование на Венецуела, Хектор Родригез, во ноември изјави дека 14-годишното момче починало откако учествувало во предизвик со шмркање супстанци. Потоа, на 21 ноември, јавниот обвинител на Венецуела го обвини Тикток за видео предизвици за смртта на третото дете.