Во водата од акумулацијата во велешкото езеро Младост се пронајдени цијано бактери. Поради тоа е воведена времена забрана да се користи водата за пливање и за полевање.

На седницата на Советот на Општина Велес, на која се разговараше по информацијата за состојбата на езерото, беше кажано дека треба дополнително да се испита дали има и цијано токсини.

Докторката Ивана Горгиевска од Центарот за јавно здравје – Велес за првпат во јавноста го елаборираше извештајот на Хидробиолошкиот завод (ХБЗ) од Охрид, чии анализи покажаа дека водата во акумулацијата е со лош квалитет, ризична за опстанокот на живиот свет и ризична за здравјето на луѓето.

– Водата е забранета за капење, бидејќи е докажано присуство на цијано бактерии. Правилникот не ги споменува тие бактерии како елемент за дозвола за капење и ако Хидробиолошкиот завод не ја испитуваше водата, немаше да се констатира дека постои цијано бактеријата во езерото Младост. Во 2016 година, тие колиформни бактерии се исфрлени и не треба да се проверуваат во сезоната на капење, туку само ентеро коките и ешерихија коли, кои предизвикуваат гадење и повраќање – рече Горгиевска. 

Со ваков проблем во Македонија се имаат соочено со водата од акумулацијата „Берово“, која во 2009 година била со карактеристичната розова боја.

– Во случајот со Беровското Езеро е докажано присуство на цијано токсини, во рамките на максимално дозволените концентрации (МДК), што значи дека езерото било безбедно за евентуалните капачи. СЗО нема податоци за езера што имаат цијано токсини и за нивното влијание врз капачите, но ако цела сезона човек се капе во таква вода, како ќе влијае тоа на неговото здравје? Овој „алерт 2“ за велешкото езеро Младост ја известува јавноста дека има присуство на цијано бактерии. Тоа во практика значи да не се допираат тие зелени „теписи“ на површината – наведе Горгиевска.

Најблиску каде што може да се испита водата за присуство или за отстуство на цијано токсини е во Словенија. Таму се испитува и евентуалната нивна концентрација. Во други лаборатории во регионот нема таква можност.