Времен сообраќаен режим за тешките возила ноќе

62

Во координација со сите институции и со приватниот сектор, Советот на Општина Велес, на вонредна седница, донесе одлука во наредниот период, додека трае санацијата на мостот кај Башино Село на влезот во Велес, сообраќајот да се одвива времено.

Како што соопштија од Општина Велес, за да се избегне метеж, товарниот сообраќај се ограничува временски – ноќе, во периодот од 22:00 до 6:00 часот. По барање на стопанствениците, се воведува и дополнителен термин за влез на товарните возила со конвој во 9:00 часот, како и за излез со конвој во 18:00 часот. Во текот на забраната на движење, обезбедени се паркинг-површини на терминал кај мотелот „Македонија“.

– Со оваа одлука, товарниот сообраќај за влез во Велес се пренасочува од влезот на Велес, од клучката кај селото Караслари низ Долнидуќани на улицата „Димко Најдов“. Потоа продолжува право по улицата „8 Септември“, каде што, за побезбедно одвивање на сообраќајот и за да се добие поширока сообраќајница, се забранува да се паркираат автомобили на коловозот. Сообраќајот на улиците „Гоце Делчев“ и „Страшо Пинџур“ (зад Судот) ќе се одвива во една насока. На улицата „8 Септември“, од плоштадот „С’рмаале“ до Поштата, се забранува паркирање на улицата за побезбедно разминување на товарните возила. Од еднонасочен, сообраќајот на улицата „Алексо Демниевски“, на потегот од Поштата до семафорите, се преуредува во двонасочен, а по семафорите, останува да важи постојниот режим на сообраќај – соопштија од Општина Велес.

Оттаму додаваат дека за излез од Велес, товарните возила од семафорите ќе се движат по улицата „Алексо Демниевски“, на која ќе се одвива двонасочен сообраќај. Потоа движењето ќе биде по улицата „8 Септември“, од Поштата кон кружниот тек на плоштадот „С’рмаале“, по еднонасочниот дел кај пешачката зона кон кружниот тек кај коњаникот кон Градскиот саат и право по улицата „Димко Најдов“ кон излезот на Велес, кон клучката на автопатот кај селото Караслари.

ИЗДВОЕНИ