Вредна икона „Богојавленски свет“ за фаќачот на крстот во Охридското Езеро

17

Фаќачот на чесниот крст, кој на Водици ќе биде положен во осветените води на Охридското Езеро, од Здружението „Богојавление“, кое годинава одбележува 20 години постоење, ќе добие вредна икона „Богојавленски свет“, која специјално ја изработи охриѓанецот Стефан Мошовски. По традиција, иконата ќе му биде предадена на фаќачот на крстот во ресторанот „Света Софија“, каде што пред повеќе од три децении почна иницијативата за масовно чествување на Водици во Охрид, кое долги години се одбележуваа со кумство што е традиција на овој празник, во нашите краишта

Оваа година, во одбележувањето на големиот православен христијански празник Богојавление – Водици се враќа една убава традиција што ја воспостави Здружението „Богојавление“ пред децении.

Имено, фаќачот на чесниот крст, кој на Водици ќе биде положен во осветените води на Охридското Езеро, од Здружението „Богојавление“, кое годинава одбележува 20 години постоење, ќе добие вредна икона „Богојавленски свет“, која специјално ја изработи охриѓанецот Стефан Мошовски.

По традиција, иконата ќе му биде предадена на фаќачот на крстот во ресторанот „Света Софија“, каде што пред повеќе од три децении почна иницијативата за масовно чествување на Водици во Охрид, кое долги години се одбележуваа со кумство што е традиција на овој празник, во нашите краишта.

Во согласност со традицијата, богојавленските чествувања во Охрид ќе бидат составени од два дела. Првиот дел е црковен, за кој е задолжена Дебарско-кичевската епархија при МПЦ и вториот е граѓански и го координира Општина Охрид, а се однесува на целокупната празнична програма.

На 19 јануари, богослужбите во охридските парохиски цркви ќе започнат во 7:00 часот изутрина. Годинава, свети литургии, со почеток во 8:15 часот, ќе се одржат во четири парохиски цркви: „Успение на Пресвета Богородица“ –  Каменско, „Свети Никола“ – Геракомија, „Свети Никола“ – Долна Влашка Мала и „Свети Георгија“ – Горна Влашка Мала. Литијата ќе се упати кон градското пристаниште во 9:45 часот. Светиот крст ќе биде положен во водите на Охридското Езеро во 10:00 часот, од градското пристаниште, а чинот на полагање ќе го изврши архиепископот охридски и македонски, г.г. Стефан.

Во сите парохиски цркви во Охрид веќе е започнато пријавувањето на капачите што сакаат да бидат дел од настанот. Досега, покрај охриѓани, своето учество го пријавиле и голем број верници од другите градови на Македонија.

Истиот ден, во 12:00 часот, во месноста Сараиште ќе биде организирано групно крштавање во Охридското Езеро. И годинава, во организација на Црвениот крст, ќе се одржи традиционалната крводарителска акција.

Охридските нуркачи, на 12 јануари 2025 година, спроведоа чистење на дното од Охридското Езеро, на просторот каде што ќе се одржи фрлањето на светиот крст.

Исто така, предвидени се и низа активности за уредување на пристаништето и на крајбрежниот дел на Охридското Езеро, соодветно украсување на градот со зеленило и со верски знамиња, како и низа значајни активности што се поврзани со безбедноста на капачите и на посетителите.

Прославата за Водици во Охрид продолжува на 20 јануари 2025 година, со уникатната манифестација „Денот на рибарите“, во чест на празникот Свети Јован Крстител. 

Среќникот што го фати крстот што беше фрлен во водите на Охридското Езеро лани, беше Никола Јакимовски. Владиката дебарско-кичевски, Тимотеј, кој се упокои неодамна, го даруваше со златен ланец со крст, а градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков, му подари икона и крст изработен во филигран.

(А.П.)

ИЗДВОЕНИ