На свеченост што се одржа во рамките на чествувањето на ликот и делото на Григор Прличев, во Центарот за култура во Охрид му беше врачена наградата за најдобра поема на лауреатот Андреј ал Асади. Поемата на Ал Асади под наслов „Никогаш пред ил’ потем“ беше избрана за најдобра на традиционалниот конкурс што се распишува во чест на охридскиот поет и преродбеник, Прличев.

Како што изјави лауреатот, темата на поемата е една интраперсонална борба на една од најинтересните личности во нашата историја, Александар Македонски.

– За мене, оваа награда значи најпрво афирмација на моето сопствено долгогодишно поетско творештво, што кулминираше во поема, но, исто така, и афирмација на младото македонско поетско творештво – рече Ал Асади.

За пишувањето поема, пак, истакна дека има свои специфики, бидејќи е поразлично од пишувањето песна и проза, односно нешто меѓу двете изразни форми.

– Пишувањето поема дава повеќе простор за маневрирање со тематиката и со наративот, од една страна, а истовремено да се зачуваат сите карактеристики на поетскиот израз. Не е лесно да се пишува поема, но, секако, е интересно – додаде лауреатот.

Славе Ѓорѓо Димоски, претседателот на жири-комисијата што ја додели наградата, за поемата „Никогаш пред ил’ потем“ рече дека се издвоила од другите 12 доставени труда, како според поетскиот израз на авторот така и според начинот на кој е изнесена тематиката.

– Предност ѝ се даде на наградената поема бидејќи во неа е пронајдена посебна вредност, во начинот на интерпретација на обработената тема. Темата е од подалечното историско минато, говори за последната битка на Александар Македонски во Индија – посочи Димоски.

Во поемата, како што додаде тој, авторот бега од историските факти и отвора едно големо филозофско прашање: која е најголемата победа во животот на човекот?

– Александар, во дијалог со индиски врач, на крајот осознава дека тој е духовно поразен. Поентата на поемата е дека духовната победа, духовниот мир е вечното што го краси човекот – истакна Славе Ѓорѓо Димоски.

Андреј ал Асади (1996, Лондон) е автор на стихозбирките „Midnight Blues”, „Под дервишовото сиќе“, „Небесна геометрија“ и „Секој секому огледало“, со кои трипати влезе во најтесниот избор за наградата „Браќа Миладиновци“ што ја доделуваат „Струшките вечери на поезијата“, а добитник е и на наградата „Енхалон“, исто така на СВП. Автор е и на збирките раскази „Друго минато“, за која во 2018 година ја доби наградата за дебитантски прозен ракопис; „Новите“ од „Темплум“ и „Утрото на бессоните“ (2021) од „Бегемот“. Негови песни се преведени на англиски, арапски, српски, хрватски, босански, грчки и на италијански јазик. Член е на Управниот одбор на „Скопскиот поетски фестивал“.

Инаку, свеченостите што се одржуваат деновиве, во рамките на годинашните „Прличеви беседи“ во Охрид, ја одбележуваат 132-годишнината од смртта на Григор Прличев (18.1.1830 – 6.2.1893), но годинава минува и во знакот на уште два други датуми: 195-годишнината од раѓањето на Прличев и 160-годишнината од изборот на поемата „Сердарот“ за најдобра на конкурсот во стара Атина, каде што е закитен нашиот поет пред очите на светската јавност, со лаворов венец.

Фото: Од Фејсбук страницата на Центарот за култура во Охрид

ИЗДВОЕНИ