Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски ја додели највисоката општинска награда „Феникс“ за исклучителни постигнувања во стопанството, уметноста, образованието, спортот и други значајни области.
-Наградата е признание за трудот, талентот и ангажманот на нашите центарци кои активно ја промовираат и претставуваат нашата општина на домашната и меѓународната сцена – истакна Герасимовски.
Во категоријата поединци и групи – творци, добитници на наградата се: Љупчо Трајковски Фис – композитор, познат по „Дебармаалска елегија, како и Михаил Арсовски – иноватор и едукатор, награден за постигнувања во природните науки.
Во категоријата наградени ученици и студенти, добитници се: Кристијана Пецалевска – ученичка во V одделение при ООУ „Кочо Рацин“, наградена за натпревари по математика и ликовна уметност, Ива Амелија Микулчиќ – ученичка во IV одделение при ООУ „Гоце Делчев“, наградена за постигнувања во пијано, Су Али – ученичка во ООУ „Коле Неделковски“, за успеси во модерен танц, Дамјан Давидовски – ученик во IX одделение при ООУ „Кочо Рацин“, водечки македонски скијач во категорија јуниори, Мила Митровска – ученичка во ООУ „Димитар Миладинов“, за постигнувања во природните науки и Паноника Хаџи-Стефанова – ученичка во ООУ „Св. Кирил и Методиј“, за значајни резултати на регионални натпревари.
Наградените добија дипломи и паричен износ од 20.000 денари.
Од Општина Центар велат дека ќе продолжат посветено да ги мотивираат жителите на Центар кон нови успеси, поттикнувајќи ги да бидат амбасадори на креативноста, знаењето и иновативноста.