– Заедничка заложба на партнерите во проектот – „Адра“ од Австрија, „Адра“ од Србија, АДРР „Сонце“ и РРЦ од Македонија – е да се влијае и во насока на подобрување на општествениот придонес за спречување и за намалување на бездомништвото и на сиромаштијата, преку препознавање и евидентирање на ризикот од бездомништво и негово адресирање во специфични национални политики – нагласи Тони Станковски, претседател на Здружението на граѓани „Љубезност“
Проектот „ComHome“ (Combating Homelessness in the Western Balkans) – „Справување со бездомништвото во Западен Балкан – е нов проект на Здружението на граѓани „Љубезност“ со кој тоа ја продолжува мисијата за помош на бездомниците, социјално загрозените семејства и на поединци.
Како што истакна Тони Станковски, претседател на „Љубезност“, преку активностите во проектот, ќе се работи во насока на подобрување на животот на лицата во бездомништво и оние што се во ризик од него преку пристап до интегрирана помош, здравствена и психосоцијална заштита, правна поддршка и поддржана услуга за домување.
– Заедничка заложба на партнерите во проектот – „Адра“ од Австрија, „Адра“ од Србија, АДРР „Сонце“ и РРЦ од Македонија – е да се влијае и во насока на подобрување на општествениот придонес за спречување и за намалување на бездомништвото и на сиромаштијата, преку препознавање и евидентирање на ризикот од бездомништво и негово адресирање во специфични национални политики – нагласи Станковски.
При презентирањето на проектот, Димитар Илчов од Здружението „Љубезност“ истакна дека проектот има цел да го подобри квалитетот на живот и да придонесе за социјална инклузија на бездомниците и на граѓаните изложени на ризик од бездомништво, а тоа, како што рече, ќе се постигне со интегрирана здравствена заштита, психосоцијална и правна поддршка и поддржани услови за домување, со вклучување на јавниот, приватниот и на граѓанскиот сектор.
Во рамките на проектот е предвидено и формирање центар за социјална инклузија, кој се планира да профункционира од октомври наредната година. Во него ќе се врши посредување и менторство за вработување на крајните корисници, а ќе се даваат и советодавни услуги.
Исто така се предвидува формирање регистар на бездомници и на социјално загрозени граѓани, за што ќе се изврши мапирање за собирање податоци за бездомниците и за оние што се изложени на социјален ризик, потоа мапирање на засегнатите страни за недвижен имот во сопственост на јавниот, приватниот и на граѓанскиот сектор за потенцијална јавна употреба, како и лобирање за креирање клучни стратешки документи поврзани со бездомништвото, кои ѝ недостигаат на државата, а тоа се: национална стратегија за справување со бездомништвото, национална стратегија за социјално домување, национална стратегија за намалување на сиромаштијата и програми на националната стратегија за развој.
При спроведувањето на проектот, „Љубезност“ ќе има два локални партнера, и тоа Асоцијацијата за демократски развој на Ромите „Сонце“ и Ромскиот ресурсен центар.
АДРР „Сонце“ ќе работи во Тетово, каде што ќе врши социјални, правни и советодавни услуги и вдомување со поддршка на своите корисници, додека Ромскиот ресурсен центар ќе врши посредување при вработувањето, подобрување на пристапот до пивка вода за социјално загрозените ромски семејства, советодавни услуги и социјални услуги дисперзирани во Прилеп.
Како што нагласи Билјана Дуковска, модератор на настанот, бездомници не се само луѓе во социјален ризик, туку бездомници се многу повеќе од луѓе на улица.
– Зборуваме за луѓе чии домови се во лоша состојба и се во ризик да останат без него, луѓе што се наоѓаат во некое засолниште бидејќи останале без дом поради елементарна непогода, односно луѓе што живеат во несоодветни услови, а, традиционално, не ги сметаме за бездомници – наведе Дуковска.
Проектот ќе трае две години и е финансиски поддржан од сојузното Министерство за социјални работи, здравство, грижа и заштита на потрошувачите на Република Австрија во земјава.
(А.П.)