На вработените во „Македонска пошта“ денеска им беше исплатена ветената плата, а претходниот ден се опарија и вработените во „МЖ Инфраструктура“. Од понеделник плата ќе има и за вработените во „МЖ Транспорт“.

Убавата вест за околу 4.400 вработени во трите државни претпријатија ја обелодени министерот за транспорт, Александар Николоски, на Фејсбук.

– Работите се менуваат. Во време на СДСМ и ДУИ немаше плата, сега има. Втор месец по ред има редовна плата, а од септември нема да има проблеми за плата, затоа што ребалансот на буџетот ќе стане ефективен. 4.400 семејства го добиваат тоа што го сработиле. Знам дека многумина ќе речат дека исплатата на плата е нормална работа, ама и тоа не беше така во времето на СДСМ и ДУИ. Сега следува период на истраги и одговорност за претходното недомаќинско работење – пишува Николоски во својата објава.

Министерот најави реструктурирање на долговите на „Македонска пошта“ и на „МЖ Транспорт“ и постигнување нивна профитабилност, со цел, како што рече, вработените во овие две државни акционерски друштва да може редовно да земаат плата. Што се однесува до ЈП „МЖ Инфраструктура“, кое е државно претпријатие што е во загуба подолг период, за него ќе може да се помогне од буџетот за да се стабилизира состојбата таму.

– Мора да најдеме баланс каде што луѓето ќе носат плата дома и мора да е така, затоа што на крајот од денот сите имаат семејства и треба да живеат, но, од друга страна, мора да има и продуктивност како би се оправдало тоа. Со планот што го имаме за нив, очекуваме стабилна ситуација до крајот на годинава и веќе од следната година да зборуваме за развој – најави Николоски.

Според него, недозволива е задолженоста на „Македонска пошта“ и на „МЖ Транспорт“ и повика МВР и Обвинителство да истражат зошто е тоа така.

– „Македонска пошта“ има отворен кредит кон една банка, кој, според мене, е лихварски, и моите претходници само го оставале тоа. Со раководството на Пошта, тој кредит ќе го репреговараме, затоа што е недозволиво, на тој начин се уништува претпријатието. Исто така, „МЖ Транспорт“ има позајмувања од МЕПСО, кои, според мене, се направени да го оптоваруваат претпријатието. Зошто е правено тоа во минатото, ќе си открие Обвинителството. Врз основа на ревизорските извештаи, кои ги достави ДЗР до мене, повикав полицијата и Обвинителството да го истражат – рече министерот Николоски.

(С.Бл.)