Министерката за финансии, Гордана Димитриеска- Кочоска, најави дека ќе има покачување на платите за наставниците и на професорите во основните и во средните училишта, но и за вработените во здравството. За покачувањето на платите во овие сектори, треба да се обезбедат пари во буџетот за 2025 година, кој ќе се планира и треба да се донесе пред нова година.
– Една од работите на која цврсто стојам е зголемување на платите за наставниците во основното и во средното образование. Мојата борба, исто така, е да обезбедиме средства за зголемување на платите во здравството – истакна таа.
На почетокот од месецов, опозициската партија СДСМ организираше протест откако министерката за образование и наука најави дека во ребалансот на буџетот не се предвидени средства за покачување на платите на наставниците за 12 отсто во септември, но најави дека ќе има зголемување во март следната година.
За неможноста да биде реализирано зголемувањето оваа година, министерката Весна Јаневска ја обвини претходната власт, која, како што кажа, оставила празен буџет и лошо ги планирала средствата.
Од протестот се огради Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК). Претседателот на Синдикатот, Јаким Неделков, тогаш ги повика членовите да не учествуваат на протест, без разлика кој го организира, освен во активности чиј организатор е СОНК.