Вработените во ЈСП повторно не добија плата навреме, се заканија со протест

177

Поради тоа што до 15 септември не добија плата, вработените од ЈСП се заканија со протест. Директорот на ЈСП, Драги Кушовски, вели дека непотребно се креваат тензии. – Беше недела и затоа не можеше да се префрли платата на сметките на вработените, во текот на денот тоа ќе биде сторено, одговори Кушовски за весникот ВЕЧЕР

 

Вработените од ЈСП повторно не добија плата навреме, реагираше денеска Синдикатот на приватниот, административниот и јавниот сектор (СПАЈС) при Конфедерација на синдикални организации на Македонија. Тие на вчерашната прес-конференција пред дирекцијата на јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ нагласија дека вработените во претпријатието се револтирани зошто повторно не зеле плата навреме.

Генералниот секретар на Конфедерација на синдикални организации на Македонија, Гоце Делчев, истакна дека директорот на ЈСП не го почитува Законот за плата според кој тој е обврзан на пријавените работници платата да им ја исплати до 15 во месецот.

– Дојде 16 септември, нема плата. Работниците зависат од таа плата, бидејќи некои од нив имаат земено кредити, но и имаат и други давачки за кои течат затезни камати. Ова не се случува првпат. Годинава ова можеби е трет или четврти пат кога платата на вработените од ЈСП им се исплаќа по 15 во месецот. На седница на Советот на Град Скопје во март беше изгласана одлука за префрлање на пари на ЈСП за плати на вработените. Меѓутоа, и покрај тоа што е изгласана таа не се почитува и токму затоа вработените се револтирани – нагласи Делчев.

Тој истакна дека од одредени лица вработени во внатрешна контрола во ЈСП на вработените, телефонски им се вршел притисок да не излегуваат да се бунат и додаде дека бараат од директорот на ЈСП да одговори кога ќе биде исплатена платата.

Делчев најави дека доколку платата не се исплати до четврток, во петок ќе се блокираат дел од раскрсниците во Скопје.

Директорот на ЈСП, Драги Кушовски, вели дека непотребно се креваат тензии.

– Беше недела и затоа не можеше да се префрли платата на сметките на вработените, во текот на денот тоа ќе биде сторено – одговори за весникот ВЕЧЕР, Кушовски.

(А.П.)