Вработените во „Алкалоид“ собраа два милиона денари, донација  за „СОС Детско село“

250

Околу два милиона денари во Фондацијата „Трајче Мукаетов“ донираа вработените во „Алкалоид“ АД Скопје, членовите на нивните семејства и нивните пријатели, за што добија специјално дизајнирана маичка. Средствата ќе бидат наменети за „СОС Детско дело“ и беа собрани на 10. по ред хуманитарен пикник, што денеска го организираше оваа фармацевтска компанија.

Овие податоци денеска ги истакна генералниот директор на „Алкалоид“ АД Скопје, Живко Мукаетов.

Тој рече дека заокружиле значаен, 10. јубилеј на колективна солидарност на собирот. кој прераснал во празник на хуманоста за сите алкалоидовци.

– Околу три илјади наши колеги и пријатели донираа средства преку Фондацијата „Трајче Мукаетов’, кои ќе бидат наменети за „СОС Детско село“. Со оваа организација започнавме стратешка соработка во 2022 година, со цел да ги олесниме тековните трошоци за децата под нивна закрила, едукативната поддршка, пристапот до професионално советување, бидејќи секое дете заслужува посреќно и побезгрижно детство – посочи Мукаетов.

Директорката за обезбедување фондови и комуникации на „СОС Детско село“, Силвија Брајовиќ додаде дека со „Алкалоид“ веќе три години ги поврзува прекрасно партнерство, кое ја покажува нивната посветеност како компанија и искрената грижа за најранливите во нашата заедница – децата без родителска грижа.

Таа рече дека донацијата претставува продолжување на трета година кумство и поддршка на едно згрижувачко семејство за тековни животни трошоци и развојни потреби на децата, кои добиваат не само материјална помош, туку и љубов и сигурност.

Соработката на „Алкалоид“, со македонската гранка на организацијата „СОС Детско село“, почна во 2022 година, кога една од куќите на локалитетот во населба Ченто беше именувана во „Бекутан куќа“, за која компанијата ги покри трошоците за секојдневното функционирање. Во 2023 година, по повод 45-годишниот јубилеј на брендот „Бекутан“, се издвојуваше одреден процент од продажбите на оваа детска колекција и беа собрани над два милиона денари донирани на оваа организација.

„СОС Детско село“ во моментов се грижи за близу 500 деца и младинци во земјава, кои се без родителска грижа или се во ризик да ги изгубат своите родители. Организацијата функционира на принципот на донации од индивидуалци, компании, институции и разни форми на партнерства. Секој може да донира, а донираните средства се користат исклучиво за потребите на згрижените деца.