Согласно со измените во Законот за инспекциски надзор и Законот за инспекциски надзор во животната средина од крајот на декември 2024 година, започната е постапка за спогодбено преземање на сите 26 вработени (22 инспектори и четворица административни службеници) во Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) од страна на МЖСПП.
Оваа измена важи за сите 15 државни инспекторати во државата.
– Во иднина, ДИЖС и натаму останува орган во состав на Министерството, како и сите државни инспекторати, но без правен субјективитет и буџет од прва линија. Буџетот ќе биде во рамките на МЖСПП, како посебна ставка во него, а постапките околу јавните набавки, финансиските и сметководствените прашања, слободниот пристап до информациите од јавен карактер ќе се реализираат преку МЖСПП – велат од ДИЖС.
Оттаму велат дека е во тек процесот на преземање на вработените, по што треба да следува исплата на декемвриската плата, која во моментов ниту една од инспекциските служби ја нема добиено согласно со законскиот рок до 15. во месецот и бришење на правниот субјективитет во Централниот регистар.
– Синдикалната организација на ДИЖС во иднина ќе дејствува во рамките на СО на МЖСПП, како дел од Синдикатот на УПОЗ, целосно штитејќи ги законските права на вработените во ДИЖС. Во моментов, ДИЖС, и покрај наведените комплексни организациски активности и неисплатениот декемвриски месечен надоместок, ги извршува своите законски обврски одговорно, професионално, без никаков застој и континуирано, односно инспекторите вршат редовни, вонредни контролни инспекциски надзори согласно со годишниот и со месечниот план за работа за јануари, со целосна координација од в.д. директорката Ивана Гиновска – велат од ДИЖС.
Со цел подобрување на работата и координацијата на инспекцискиот надзор, во рамките на Програмата за работа на Владата на Република Северна Македонија (2024-2028) се предвиде трансформација на Инспекцискиот совет во координативно тело на директорите на инспекциските служби.
(С.Бл.)