Попладнево почнува да сообраќа воз од Скопје до Куманово. Веста некои ја пречекаа со задоволство затоа што по две ипол години повторно ќе затруби возот на пругата, а други пак, иронично искоментираа дека „во Кина се патува со брзина на светлината, а во Македонија се радуваме на воз до Куманово“. Во одредени денови возот ќе оди и до Бељаковце, а од следната година кога ќе се изгради пругата до Крива Паланка ќе оперира и до Крива Паланка, додека за поврзување со Бугарија ќе почекаме на тунелот кај Деве Баир. Николоски најави дека предизвик за следниот период е да се пуштат возови и до Тетово и до Гостивар, линијата до Кичево, како и до Штип и до Кочани

Од попладнево почнува да сообраќа воз од Скопје до Куманово. Веста некои ја пречекаа со задоволство затоа што по две ипол години повторно ќе затруби возот на пругата, а други пак, иронично коментираа дека „во Кина се патува со брзина на светлината, а во Македонија се радуваме на воз до Куманово“.

Министерот за транспорт и врски, Александар Николоски, рече дека до речиси практично немаше железница, затоа што локомотивите и возовите беа расипани и стоеја во депо. Но, со нивната поправка, тргна поинтензивен превоз во товарниот сообраќај, а исто така и во патничкиот.

– Тоа го ветивме на отворањето на железничката пруга Куманово – Бељаковце. Возот од скопската железничка станица ќе тргнува во 16 часот и 30 минути, патувањето ќе трае 41 минута, двапати дневно ќе оперира и тоа наутро во 6 и 30 ќе тргнува од Куманово и истиот воз назад ќе се враќа кон Куманово. Ќе имаме 4 возови дневно со што, ќе се согласите, многу ќе ја олесни комуникацијата меѓу двата града и жителите на Скопје и Куманово ќе имаат можност полесно да доаѓаат дали за работа, дали за образование, за здравство или за што било друго. Тоа ќе го намали загадувањето, ќе ја намали гужвата и најважно од сè граѓаните ќе знаат точно кога ќе пристигнат со цел да си ги завршуваат своите работи навреме. Исто така во одредени денови возот ќе оди и до Бељаковце, а од следната година кога ќе се изгради пругата до Крива Паланка ќе оперира и до Крива Паланка – истакна Николоски. 

Тој најави дека предизвик за следниот период е да се пуштат возови и до Тетово и Гостивар, линијата до Кичево, како и до Штип и до Кочани.

– Наша заедничка амбиција е во следниот период овие, јас ги нарекувам градски возови, бидејќи се работи за дистанци кои не се големи, да пуштиме градски возови до Тетово и до Гостивар. Секако амбиција е да се врати целата линија до Кичево, а понатаму до Штип и до Кочани. Тоа е следната амбиција за која се надевам за брзо ќе ве поканиме тука – истакна Николоски.

Во депото на „Македонски железници – Транспорт“ досега се поправени 14 локомотиви и возови.

– Ова депо лани во јули беше запуштено, во него не влегуваше никој. Сликата ја сменивме. Денес во него има вредни луѓе кои работат и ги поправаат возовите што оперираат по македонските пруги. Споредено со четвртиот квартал 2023/2024 во делот на товарот имаме зголемување за над 75%. Тоа е срцето на железницата бидејќи најголем дел од приходите доаѓаат од карго транспорт. Исто така и во делот на патничкиот сообраќај, споредено во четвртиот квартал 2023/2024, имаме зголемување од 36%. Тоа се огромни бројки и разлики – потенцираше Николоски.

Во овој момент имаме пет активни воза, кои оперираат на македонските железници за патнички сообраќај, пет локомотиви, кои оперираат за товарен сообраќај, и четири локомотиви. Тој најави дека четирите локомотиви од Србија што стигнаа на припомош минатата година, ќе бидат вратени.

– Тоа беше одлична работа зашто им донесе приход на „Македонски железници“ и со тој приход можевме да инвестиравме во ова што го промовираме денес, а постепено ќе користиме целосно домашни, македонски локомотиви – нагласи министерот.

Бугарите испратија договор, но не се обврзаа за градење на тунелот кај Деве Баир

Сè уште нема договор со Бугарија за заедничка изградба на тунелот на пругата од Коридорот 8, вели министерот за транспорт и врски, Александар Николоски. Според него, предлог-договорот што Бугарија и го испрати на Македонија минатата недела не испратил позитивни вести.

– Сè уште нема договор, кога би имало би го објавиле. Точно е дека се водат интензивни разговори и прашање на време е, на недели, а не на месеци, кога ќе се излезе со позитивни вести ако постои добра волја од страната на Бугарија. Идејата е да постигнеме договор со кој Скопје и Софија ќе се поврзат, а не да не се поврзат како што е сега, за жал – рече Николоски.

Тој вели дека договорот треба да содржи три сегменти.

– Првиот е изградба на заеднички тунел што треба да ги поврзува двете држави. За жал, во претходниот проект тунелот завршуваше буквално на пола, на слепа улица или слепа пруга. Вториот дел е јасна обврска да преземе Софија да го изгради делот од границата со Македонија до Ѓуешево, како и да го реконструира делот од Ѓуешево до Софија за да има модерна пруга и од нивната страна. Третата обврска е наша, да направиме ревизија на проектот што веќе правиме зашто е невозможно толку скапо да чини тој проект, за толку малку километри толку многу пари да се потрошат – истакна Николоски.

(С.Бл.)

 

ИЗДВОЕНИ