Велат, возењето велосипед е една од оние работи што кога еднаш ќе ги научиш, никогаш не ги забораваш. Во последниве години, велосипедот стана едно од омилените превозни средства кај гевгеличанки и гевгеличани, особено откако се формира велосипедскиот клуб „Гевгелија точак клуб“. Гевгелија, велат, е рамна како тепсија, душа дала за возење велосипед. Не се работи за помодарство, туку за љубов и за потреба. Нема фамилија во градот и во населените места која нема по два-три велосипеди. Едни возат до своето работно место, други за намалување на килограмите, а трети, пак, од задоволство
Павлинка Карајанова и Ана Марија Танова се две гевгеличанки што често уживаат возејќи велосипед заедно и тоа не само на рамно, во градската средина, што се вели, туку и на планината Кожуф. Тие не само што внимаваат на својот изглед туку и се грижат за изгледот на ова корисно превозно средство, кое не троши пари за гориво. За Ана Марија е интересно тоа што наоѓа време за возење велосипед и покрај тоа што има три дечиња, а малку слободно време. Возат во секакви временски услови. Така, во летниот период често се упатуваа кон планината Кожуф, а пред некој ден, кога беше денот сончев, ги сретнав по гевгелиските улици, возеа паралелно. Им се придружив и така излезе нашето интересно интервју за весникот ВЕЧЕР. Едно прашање, два паралелни одговора.
Од каде љубовта кон возењето велосипед, од мали нозе или подоцна?
– Од мали нозе. Во моето маало, сите деца имавме велосипед и кога пораснав, и понатаму ја негував љубовта кон велосипедот – вели Павлинка.
А, Ана Марија нагласува:
– Љубовта кон возењето велосипед се појави пред неколку години, во еден стресен период за мене. Велосипедот беше мојот издувен вентил.
Кој те научи, како малечка, да возиш велосипед, мајка ти, татко ти или брат ти?
– Ниту мајка ми, ниту татко ми, ниту брат ми, туку сестра ми и она што е најинтересно – не на улица, туку во нашата дневна соба – додава Павлинка.
Ана Марија, пак, вели:
– Учев заедно со сестра ми, со помош на татко ми, кој имаше доволно трпение за нас две.
Од кога си членка на „Гевгелија точак клуб“ и како ти се допаѓа како се развива клубот?
– Нов член сум, од оваа година. Ми се допаѓа како е организиран клубот, а и активностите што ги презема за да го развива велосипедизмот во нашиот град. Изминатата година, по втор пат го организиравме настанот „Сите уф Серменин“. Тогаш се собравме огромен број велосипедисти од цела Македонија. Со тоа покажавме дека треба да му се даде поголемо значење на велосипедизмот во Македонија, бидејќи со тоа ќе имаме поздрава нација и поголема грижа за екологијата – истакна Павлинка.
Ана Марија потенцира:
– Член сум една година. Клубот се развива повеќе од успешно. Организираме разни активности, сами или заедно со други институции. Членството се зголемува од ден на ден, сега нè има над 120. Она што е најважно е тоа што имаме многу активности во кои може да се пронајде секој член и да даде свој придонес кон настанот.
Колку слободно време имате за возење велосипед (ако знаеме дека ти, Ана, имаш три деца)?
– По работа, секој ден наоѓам време за умерена активност со мојот велосипед, додека во текот на викендите имам време за оние активности што ги организира нашиот клуб, претежно на преубавата планина Кожуф – нагласува Павлинка.
Ана Марија, пак, вели:
– Секогаш се трудам да пронајдам време за она што вистински ме исполнува. Мислам дека без разлика дали си родител, брачен партнер или сам(а), секој од нас треба да си посвети време на себе и на она што го исполнува.
*Често возите заедно. Дали е полесно така, кога сте во тандем или е поинтересно?
– Заедно е полесно. Една на друга сме си мотивација, а емоциите што ги доживуваме додека возиме заедно и позитивната енергија што нè исполнува тогаш, претставуваат добар поттик за наредна дружба на падините на Кожуф. Би сакале да им дадеме инспирација на другите девојки да го следат нашиот пример и да ја почувствуваат слободата во природа додека возат велосипед – вели Павлинка.
Ана Марија вели:
– Полесно е и поинтересно. Додека возиме, разговараме, се запознаваме една со друга, се дружиме и си помагаме доколку, не дај Боже, се случи нешто непредвидено како, на пример, ако се дупне гумата на некој од нашите два велосипеда.
Што ве тера кон планинските врвови и тоа да се искачувате со велосипед?
– Јас го доживувам тоа како еден мој внатрешен порив за воспоставување физички и психички баланс на состојбата на умот и едно целосно мое ослободување. Кога сум на врвот од некоја планина, тоа ми создава чувство на исполнетост, задоволство и спокој. Тоа е исто како и во животот, кога ќе постигнам некоја цел, тоа ми дава сила и мотивација да бидам подобра за мене и за другите околу мене. Секоја пречка што ќе ја совладам со велосипедот, за мене е отфрлање на една тежина што ја носам со мене за да одам посигурно кон некоја цел – нагласува Павлинка.
Ана Марија, пак, кажува:
– Возењето по планините, низ тие недопрени природни убавини, мене ми дава огромен спокој. Чувството кога ќе се искачиш на врв е неверојатно. Се чувствувам исполнето и слободно. Погледот од тие височини ми го запира здивот.
Што е она што ви го нуди велосипедот, а не може да ви го понуди автомобилот?
– Слободното движење во природа, сите природни убавини низ кои возиме, кои не би можеле да ги почувствуваме ако сме во автомобил. Исто така, возењето велосипед ни нуди не само здравствени туку и ментални придобивки – констатира Павлинка.
Ана Марија додава:
– Велосипедот ми дава позитивна енергија и чувство на исполнетост, а мора да признаете дека возењето со кој било автомобил не може да ви го даде тоа.
Порака до читателите, дали и колку треба да возат велосипед?
– Според некои студии, се препорачуваат два часа возење велосипед неделно. Возењето велосипед е добро за здравјето, го намалува стресот, особено оној скриениот и, се разбира, добро е за менталното здравје – заклучува Павлинка.
Ана Марија советува:
– Возете велосипед секогаш кога можете. Тоа е огромна придобивка за вашите ментално и физичко здравје. Дејствува како природен антидепресив.
(Љ.А.)