Најголемите производствени капацитети, пред сè во Скопскиот Регион, први ќе бидат на удар на државните инспектори за животна средина, од каде што најавија  засилени контроли на квалитетот на воздухот во пресрет на претстојните есенски и зимски месеци.

Министерот за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, и директорката на Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС), Ивана Гиновска, најавија дека работни тимови на терен ќе вршат увид во работењето на овие индустриски капацитети, односно дали работат тие согласно со издадените интегрирани еколошки дозволи.

– Владата сака навреме да почне со активностите за ублажување на последиците од загадувањето. Нашата стратешка определба е да дејствуваме врз изворите на загадувањето. Тргнувајќи од фактот дека не може прекуноќ да се реши квалитетот на воздухот, ниту е тоа локален проблем или проблем на едно министерство, ќе настојуваме активностите за подобрување на состојбата со аерозагадувањето да бидат инклузивни, да се споделуваат и да се координираат со сите релевантни институции – истакна министерот Меџити.

Државниот инспекторат за животна средина веќе има планирано редовни инспекциски надзори кај субјектите со А интегрирана еколошка дозвола.

– При надзорите, покрај наши тимови, ќе присуствуваат и вработени во Министерството за животна средина, кои ги изготвуваат одобренијата за дозволите. Новина е тоа што ќе има мешовити инспекциски тимови – инспектори од еден град или регион ќе вршат надзор во други градови и реони за зајакнување на интегритетот и подобрување на квалитетот на надзорите. За спроведените надзори, ДИЖС редовно ќе ја известува јавноста. Ќе биде изготвена и стратегија за спроведување на законодавството за период од шест години, по реони и области, со цел оптимизација на ресурсите – рече Гиновска.

Таа истакна дека Инспекторатот се соочува со недостиг на кадар, поради што побарале вработувања.

– Има одобрен план за вработување тројца нови инспектори. За наредната година, Инспекторатот предвидува плус девет вработувања, но тоа ќе зависи од буџетот – рече Гиновска.

(С.Бл.) – Фото: Ѕ. Плавевски