Возат лудо, турираат – бесните ноќни трки вечен проблем за скопјани

59

Граѓаните се вознемирени и загрижени за ваквата состојба, а во ноќните часови и не можат да спијат заради бучавата. Иритирачкото турирање на возилата буквално не им дава спокој. Токму заради тоа, некои од нив сметаат дека дивеењето на младите ќе се смири, доколку во ноќните часови се воведат полициски контроли, односно полицајци со возила да патролираат по овие сообраќајници. Професорот на Техничкиот факултет во Битола, Никола Крстаноски, предлага 24 часа да се следи состојбата на улиците и да се казнува неселективно секој прекршок. Фрапантните податоци на МВР говорат дека само во текот на изминатиот месец, на ниво на целата држава полициските службеници поднеле над 14.000 прекршочни платни налози за констатирани сообраќајни прекршоци, над 3 илјади за пречекорена брзина

 

Ако до пред 6 – 7 години трките со автомобили во ноќните часови се одвиваа на периферијата на Скопје, односно на приодите (кај Сингелиќ, Автокоманда), сега се преселија во центарот на градот. Бесните трки се вечниот проблем на градот и години наназад никако да се решат. Младите продолжуваат лудо да возат и да се натпреваруваат, загрозувајќи ја на тој начин сопствената и безбедноста на останатите граѓани.

Сега трките се одвиваат по главните скопските булевари: Партизански одреди“, „Илинденска“, на „Видое Смилевски Бато“, „Јане Сандански, „Кузман Јосифовски Питу“…, иако помалку изразени во зимскиот, а повеќе во летниот период кога временските услови се поповолни.

Граѓаните се вознемирени и загрижени за ваквата состојба, а во ноќните часови и не можат да спијат заради бучавата. Иритирачкото турирање на возилата буквално не им дава спокој. Токму заради тоа, некои од нив сметаат дека дивеењето на младите ќе се смири, доколку во ноќните часови се воведат полициски контроли, односно полицајци со возила да патролираат по овие сообраќајници.

Професорот на Техничкиот факултет во Битола, Никола Крстаноски, вели дека основното решение што се применува низ светот е да стави во функција системот „Безбеден град“. – Бескомпромисно, 24 часа да се следи состојбата на улиците и да се казнува неселективно секој прекршок. Кај нас се неопходни контроли – дециден е Крстаноски.

Тој предлага и да се примени примерот во Србија, каде што во Националната возачка академија „Навак“, младите се тренираат и едуцираат како да реагираат во опасни ситуации. – Можеби и посебна патека наменета токму за трки ќе го ублажи проблемот, но нема да биде ефикасна колку што е примерот на Србија – цени Крстаноски.

Дека дивеењето, пребрзото возење и непочитувањето на сообраќајните прописи и правила се навистина сериозен проблем во државата, но и во главниот град говорат и фрапантните податоци на Министерството за внатрешни работи според кои, само во текот на изминатиот месец, на ниво на целата држава полициските службеници поднеле над 14.000 прекршочни платни налози за констатирани сообраќајни прекршоци.

– Најголем дел од тие прекршоци биле поради управување возило со брзина над дозволената – над 3.200, потоа околу 1.800 возачи се санкционирани, бидејќи управувале возило без поседување на возачка дозвола, над 600 возачи не користеле сигурносен појас, над 380 возачи користеле мобилен телефон додека управувале моторно возило и други прекршоци согласно со Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата – информираат од МВР.

Ништо подобро не е ниту во главниот град. На подрачјето на Скопје минатиот месец биле поднесени над 3.600 прекршочни платни налози, од кои најголем дел, односно над 450 лица управувале без да поседуваат возачка дозвола, над 270 возачи управувале со брзина поголема од дозволената, околу 200 лица не користеле сигурносен појас, над 150 возачи користеле мобилен телефон додека управувале возилото и други прекршоци.

За тоа што превзема МВР за да се зголеми безбедноста, оттаму велат дека, во текот на јануари низ сите Сектори за внатрешни работи биле реализирани над триесетина превентивно-едукативни кампањи во соработка со Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, а во насока на потсетување и информирање на учесниците во сообраќајот за стриктно почитување на сообраќајните правила и прописи како неопходно поведение во интерес на личната и општа безбедност на учесниците во сообраќајот.

Последната немила случка на булеварот „Партизански одреди“ го вклучи црвениот аларм и ги крена на нозе надлежните. Преминувајќи на пешачки премин беше прегазена и усмртена младата 22-годишна Фросина од 20-годишниот Васил Јованов, кој кобната ноќ дивеел на скопските улици со возило кое му го купиле неговите родители, иако сè уште немал возачка дозвола.

По овој случај, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски изјави дека ова е точката каде што мора да се преиспита: Дали постојните законски решенија се доволни? Дали воспитните мерки за сторители на сериозни дела носат резултати или само создаваат нови жртви? Дали висината на кривичните санкции за најтешките кривични дела во областа на сообраќајот е соодветна или е премногу блага за да има реален превентивен ефект?

Тој нагласи дека обврска на државата е да спречи вакви трагедии, потсетувајќи дека се работи на ставање во функција на системот „Безбеден град“, со кој контролата ќе биде построга, а казните неизбежни.

Во меѓувреме, пак членовите на собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците изгласаа одлука в петок во Собранието да се одржи јавна расправа на тема „Анализа и утврдување на потребата за изменување на законската регулатива со цел зајакнување на безбедноста во сообраќајот“. За оваа одлука поддршка искажаа пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, ВЛЕН, ЗНАМ, Левица и „Европскиот фронт“. На седницата на Комисијата не присуствуваа пратениците од СДСМ.

(А.П.)

ИЗДВОЕНИ