Најстрога казна за возачот за сторено кривично дело со умисла ќе бара Обвинителството за прегазувањето на младата Фросина Кулакова. Протестите на граѓаните во знак на револт за малата казнивост и селективната правда ги поттикнаа институциите да дејствуваат, Собранието ќе одржи јавна расправа за заострување на казните за безбедност во сообраќајот, а Судскиот совет најави дека ќе ја разгледува одлуката на судијката Даниела Алексова-Стојановска во врска со возачот
Револтот од селективноста на системот што го изразуваат граѓаните на протестите по трагичната смрт на младата Фросина Кулакова и барањето правна завршница од нејзиното семејство, ги поттикнаа властите во државата, законодавната, извршната и судската, да преземат мерки. Јавниот обвинител Љупчо Коцевски, на прес-конференција, вети ефикасна и брза постапка и рече дека Обвинителството ќе инсистира на најстрога казна за несовесниот возач, 20-годишниот Васил Јованов. Според обвинителот Коцевски, сообраќајната несреќа е сторена со умисла и против осомничениот се води постапка за најтешкото кривично дело од областа на безбедноста во сообраќајот.
– Се преземаат сите дејства за обезбедување докази за овој кривичноправен настан. Од досегашните докази, за Обвинителството е неспорно дека станува збор за кривично дело сторено со умисла. Токму затоа Обвинителството, во овој случај против осомничениот, води постапка за најтешкото кривично дело од областа на безбедноста во сообраќајот. Истрагата е поведена за кривично дело од областа на сообраќајот, меѓутоа сторено со умисла – изјави Коцевски.
Протестите на граѓаните кон кои се приклучија семејствата на жртвите од сообраќајните несреќи што сè уште чекаат правда за своите деца по македонските судови, бараат од институциите заострување на системот на казнивост. Членовите на собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците со 11 гласа „за“ вчера ја изгласаа одлуката, в петок, во Собранието да се одржи јавна расправа за менување на законите со цел зајакнување на безбедноста во сообраќајот. Иницијативата ја подржаа пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, ВЛЕН, ЗНАМ, Левица и ма „Европскиот фронт“, а на седницата на Комисијата не присуствуваа пратениците од СДСМ. Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицески, истакна дека безбедноста на граѓаните мора да им биде приоритет на сите.
– Време е за сериозни чекори и за системски решенија. Безбедноста на граѓаните мора да ни биде приоритет на сите, а тоа значи промени во законите, кои ќе обезбедат заштита, превенција и ефикасни институционални реакции. Порачуваме и повикуваме до сите дека намерата за стручна и експертска дебата е приоритет и, како владејачко мнозинство, нема да дозволиме политизација на оваа тема – рече Мицески.
Во меѓувреме, министерот за правда, Игор Филков, ја разреши судијката Даниела Алексовска-Стојановска од работната група за измена на Кривичниот закон и побара од Судскиот совет да го преиспита целиот случај со пресудата за возачот што ја усмрти Фросина Кулакова.
– Крајно време е надлежните институции да покажат и спроведат мерки за лоцирање одговорност за случајот поврзан со смртта на Фросина. Ги повикувам институциите да испорачаат брза и транспарентна истрага – повика на прес-конференција министерот за правда.
И од владејачката партија побараа од Судскиот совет да ја разрешат судијката Даниела Алексовска- Стојановска, бидејќи го испратила возачот Јованов во поправен дом за трговија со дрога, иако тој бил полнолетен.
– Судскиот совет да не чека да помине време, туку веднаш да ја разреши судијката Даниела Алексовска-Стојановска, а ЈО да отвори постапка за неа, како и зошто досудила таква одлука. ЈО и судството немаат повеќе слободно време, народот очекува да се фатат за работа и спроведување на законот. Одговорност мора да има – порача пратеникот Миле Лефков.
По прозивките од политичките чинители Судскиот совет да ја испита одговорноста на судијката Алексовска-Стојановска, претседателот Александар Камбовски изјави дека Судскиот совет не е запознаен со случајот, кои биле доказите, каков бил настанот и не би се осудил да коментира во врска со одлуката сè додека не го види целиот предмет, но рече дека ќе се разгледува секој случај каде што има пропусти.
– Сигурно дека ќе се разгледува, секаде каде што има пропуст ќе се санкционира. Сите се залагаме за владеење на правото. Не познавам никој што се согласува да ни се случуваат вакви состојби – вели Камбовски.
За смртното прегазување на студентката Фросина Кулакова на пешачкиот премин кај Универзална сала, граѓаните два пати излегоа на масовни протести. Од местото на сообраќајката, каде што испраќаат пораки напишани на транспаренти и преку гласни говори, се упатуваат до Собранието, па до Обвинителството и на крај застануваат пред Судот, каде што бараат правда за сите жртви на несовесни возачи. (П.А.)