Возач на автобус осомничен за предизвикување на тешка сообраќајна несреќа

78

Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против 51-годишен скопјанец постапувајќи по кривична пријава, бидејќи постои основано сомнение дека сторил кривично дело – Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот од член 300 став 4 во врска со член 297 став 3 и став 1 од Кривичниот законик.

Од ОЈО соопштија дека осомничениот, на 12 август, како учесник во сообраќајот на јавните патишта, управувајќи автобус сопственост на ЈСП  по општинскиот пат Шуто Оризари – Горно Оризари, не се придржувал кон прописите и со тоа го загрозил јавниот сообраќај и го довел во опасност телото на луѓето.

-Кога дошол во близина на крстосница со сервисна улица која го поврзува општинскиот пат со улицата „Александар Урдаревски”, постапил спротивно на член 25 став 1 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, па со автобусот свртел во лево за да избегне кабаст отпад, шут и друго ѓубре расфрлани по десната страна на коловозот и преминал на левата страна, односно на дел од коловозот наменет за движење на возилата од спротивната насока – се наведува во соопштението.

Од ОЈО додаваат дека дејствието го сторил невнимателно, без претходно да се увери дека тоа може да го направи без опасност по другите учесници во сообраќајот и имотот, не водејќи притоа сметка за положбата, правецот и брзината на движење.

-Како резултат на наведениот пропуст со предниот лев дел од автобусот се судрил со автомобил „форд галакси” со скопски регистарски ознаки, со кого управувал 17-годишник кој немал стекнато право за управување со моторно возило. При ударот оштетениот се здобил со тешки телесни повреди од кои починал, а неговиот сопатник во автомобилот се здобил со тешки телесни повреди и е во животна опасност – објаснуваат од ОЈО.

Надлежниот јавен обвинител за осомничениот предложил мерки на претпазливост – привремено одземање на патна исправа за преминување на државна граница и забрана за издавање нова, привремено одземање на возачката дозвола, забрана за напуштање на живеалиште, односно престојувалиште, како и обврска осомничениот да се јавува повремено на определено службено лице.