Министерството за животна средина и просторно планирање е длабоко навлезено во процесот на воспоставување регионален систем за управување со отпадот во Источниот и во Североисточниот Регион, што треба да резултира со трајно, одржливо и безбедно управување со отпадот. Притоа, апелираат за поддршка и разбирање во интерес на граѓаните и на општините. Ова огласување на Министерството е по повод протестите на жителите на Кочани, кои се соочуваат со проблеми од чадот поради палење на градската депонија. Проблемите станаа посериозни откако почна да се депонира на градската депонија и отпадот од соседните општини, како дел од обврските што се наметнаа со проектот за изградба на регионална депонија кај светиниколско Мечкуевци.
– Самиот процес е комплексен и опфаќа повеќе работни задачи. Досега се набавени возила и опрема за собирање на отпадот за сите општини во двата региона (вкупно 18), во вредност од 8 милиони евра. Во моментов, во тек е затворање на нестандардните депонии и ѓубришта во Источниот Регион. Се очекува во најбрзо време да започне и во Североисточниот Регион – прва фаза (околу 8 милиони евра), а претстои изградба на централна постројка за управување со отпадот, која ќе се состои од погон за селектирање, постројка МБТ, депонија, постројка за композитор, зелена точка за Источниот и за Североисточниот Регион во Свети Николе и шест локални капацитети за управување со отпадот – претоварни станици, постројки за компостирање и зелени пунктови за Источниот и за Североисточниот Регион – соопштија од МЖСПП.
Оттаму додаваат дека последните две активности се со вкупна вредност од повеќе десетици милиони евра, за што постапката за јавна набавка е објавена и се очекува да биде склучен договор, по што се очекува, во првата половина од 2025 година, да започнат градежните работи. Предвидениот рок за завршување на градежните работи е 18 месеци.
Од Министерството објаснуваат дека во втората фаза следува затворањето на сите нестандардни депонии во двата региона, по што целокупниот отпад ќе се фрла на централната депонија во Свети Николе, преку трансфер-станиците.
– Крајни корисници на проектите се двата региона, општините и јавните комунални претпријатија и за таа цел повикуваме на максимална посветеност на општините од Источниот и од Североисточниот Регион и на јавните комунални претпријатија во исполнувањето на обврските што веќе ги имаат преземено за непречена реализација на проектите – предупредуваат од МЖСПП.
Додаваат дека обврската за управување со општинските нестандардни депонии, кои ќе останат отворени во првата фаза (сè до изградбата на централната постројка во Свети Николе) и имаат обврска да го примаат отпадот од веќе исчистените и затворени нестандардни депонии во одреден број општини, останува на општините и на јавните комунални претпријатија, а Владата останува посветена да ги помогне, со цел воспоставување регионалниот систем според највисоките европски и светски стандарди.
Во однос на депонијата во Кочани, од Министерството информираат дека таа има обврска да го прима отпадот од општините Виница, Чешиново, Облешево и Зрновци.
– Свесни за недоволните капацитети за управување со депонијата на Јавното комунално претпријатие, што неодамна резултираше со палење на отпадот на кочанската депонија, како Влада, излеговме во пресрет и обезбедивме поддршка со механизација за безбедно тековно управување со локацијата во Кочани. Пожарите што се случуваа во минатото, не зависеа од количината на отпадот туку од несоодветното управување со локацијата. Останува обврската на трите општини (Зрновце, Чешиново и Облешево и Виница) да го носат отпадот на локацијата, сè до воспоставувањето на регионалната депонија, односно трансфер-станиците, бидејќи во овие општини се исчистени сите локации за отстранување на отпадот и нема да се дозволи отворање нови загадени жаришта – нагласуваат од МЖСПП.
Воедно, потенцираат дека забраната за пристап до локацијата за депонирање не е решение и не оди во прилог за почиста животна средина, туку само ја влошува состојбата, за која веќе се потрошени неповратни средства.
Вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, денеска од Штип, на новинарско прашање за решавање на проблемот со депонирањето на отпадот на општините Виница, Зрновци, Чешиново – Облешево на кочанската депонија, одговори дека Владата ќе се залага за обезбедување финансиски средства за уредување на депонијата и да не се отвораат нови диви депонии. Ова ќе трае сè до изградбата на првата регионална депонија во светиниколското село Мечкуевци, со цел да не се реактивираат веќе затворените депонии во Источниот Регион.