Вонредна состојба во Лос Анџелес: Има загинати и повредени, 1.000 куќи изгореа во елитниот кварт на градот

62
EPA-EFE/ALLISON DINNER

Лос Анџелес прогласи вонредна состојба поради шумски пожар, а најмалку две лица загинаа. Американскиот претседател Џозеф Бајден одобри прогласување на голема природна катастрофа што ја погоди Калифорнија, а неговата одлука ќе им овозможи на жителите на областите погодени од пожарите веднаш да пристапат до владините фондови и ресурси за закрепнување.

Најмалку две лица загинаа, а десетици се сериозно повредени во шумските пожари што беснеат околу Лос Анџелес, соопштија пожарникарите во средата, додавајќи дека илјадници луѓе мора да бидат евакуирани.

„За жал, имаме две цивилни жртви и имаме многу сериозни повреди“, им рече на новинарите шефот на противпожарната служба во Лос Анџелес, Ентони Мароне.

Тој додаде дека околу илјада домови се уништени во населбата Пацифик Палисадес меѓу крајбрежните градови Санта Моника и Малибу. Тоа е област во која живеат многу филмски и музички ѕвезди.

„Имаме повеќе од 2.000 хектари кои изгореа и огнот станува се посилен“, рече Мароне.

Мароне нагласи дека моментално нема доволно пожарникари во округот Лос Анџелес за да се борат со неколку големи пожари во исто време, објави Ројтерс. Пред избувнувањето на пожарот, Националната метеоролошка служба го издаде своето највисоко предупредување за екстремни услови на пожар низ поголемиот дел од округот Лос Анџелес од вторник до четврток.

Сè започнало во вторник околу 10 часот по локално време, кога поради брзиот ветер се проширил пожарот што избувнал во дворот на станбена зграда во Палисадес. Во меѓувреме избувнаа уште четири одвоени пожари, од кои само еден е локализиран.

Поради малата влажност и сувата вегетација поради недостигот на дожд, условите беа идеални за ширење на пожарот. Топлите ветрови, типични за зимата во Калифорнија, би можеле да удрат и до 100 милји на час, соопшти метеоролошката служба. Ова може дополнително да го разгори пожарот.

ИЗДВОЕНИ