На шпанскиот остров Лансароте на Канарските острови се поплавени голем број станбени згради, а поради обилните врнежи е прогласена вонредна состојба, јавија шпанските медиуми.
Како што пренесуваат медиумите, повикувајќи се на локалните служби за вонредни состојби, сообраќајниците се претвориле во калливи реки.
„Вонредна состојба беше прогласена кога беше утврдено дека во саботата паднале повеќе од 60 милиметри дожд за само два часа“, соопштија локалните служби за вонредни состојби, пренесе агенцијата.
Шефот на службата за итни случаи на островот Лансароте, Енрике Еспиноза, потврди дека се поплавени бројни станбени згради.
„Работевме цела ноќ, имавме 300 повици во текот на ноќта, многу од нив во Аресифе и Тегуис. Некои куќи беа поплавени и остана голема количина кал“, изјави Еспиноза за државната телевизија РТВЕ.