Вонреден надзор на Клиниката за кардиохирургија

114

Инспекторите од ДСЗИ ќе влезат на Клиниката за кардиохирургија да извршат увид во медицинската документација за лекувањето на 59 годишниот пациент Тони Ангелковски, кој почина чекајќи операција со сериозни компликации на аортата.

Од Министерството за здравство потврдија дека вонредниот надзор го наложи министерот Арбен Таравари, откако семејството проговори во медиумите дека Анеглковски бил препраќан од клиника во клиника, но не бил опериран и не го издржал ова здравствено патешествие.

Настанот се случи на 8 април, кога пациентот од болницата „8 Септември“ бил донесен на државна Кардиохирургија со болки во стомакот и градите. По направените иследувања, од Клиниката му соопштиле дека нема слободна сала за операција, а на Торакална хирургија биле расипани апаратите.

Пациентот бил упатен во приватна болница, но и таму ги немале потребните материјали, по што Ангелковски повторно е вратен на Кардиохирургија каде почина.

Од таму потврдија дека од две операциони сали, во функција е само една, но велат немало потреба од итна операција. Сепак, не знаат од што починал пациентот, затоа што семејството не дозволило обдукција, а нивното однесување го оценија како театрално.

Кај пациентот за време на хоспитализација до моментот на влошување во ниеден момент не се појави потреба од итна интервенција бидејќи цело време беше без болки, со стабилни витални и лабораториски параметри. Околу 5 часот наутро следниот ден настапува нагло влошување на состојбата на пациентот по што се превземени сите мерки за оживување по протокол, но за жал настапи смртен исход, се вели во соопштението од Клиниката за кардиохирургија.

Во меѓувреме и овој трагичен случај се користи за политичко поентирање. Од СДСМ денеска побараа итна и целосна истрага, но и утврдување на одговорност, за како што велат, скандалот на Кардиохирургија.

ИЗДВОЕНИ