Вонреден инспекциски надзор во ОУ „7 Март“ во Челопек

5

Директорот на Државниот просветен инспекторат, Шабан Алајбегу, денеска информираше дека ќе се изврши вонреден надзор во основното училиште „7 Март“ во тетовско Челопек.

Ќе се утврдува одговорност за организирањето училишна приредба во која учествуваат ученици облечени во воени униформи со амблеми на УЧК и со пушки во рацете.

За настанот вчера реагираше и министерката за образование и наука Весна Јаневска која која на Фејсбук напиша дека е „длабоко разочарана и вознемирена“ од одлуката на раководството и наставниците во ОУ „7 Март“ во Челопек да ја организираат приредбата, но и од одобрувањето на родителите на учениците „кои ракоплескаа на сето тоа“.

– Ваквиот чин не само што педагошки е неисправен, туку е и нечовечен, неетички, неморален и законски казнив, напиша, меѓу другото, Јаневска и најави дека покрај „соодветна постапка против училиштето“, инспекторите ќе постапат и во други две училишта за кои добила информации дека имало „слични активности“.