Нашата седумнаесетгодишна соговорничка, која е трета година во скопската гимназија „Јосип Броз Тито“, е само еден од 7.000 активни волонтери во Црвениот крст, кој има вкупно 11.000 членови. Во светот ги има 17 милиони. Нејзината приказната и љубовта кон волонтерството започнале сосема случајно.
-На планината Водно, имав можност да присуствувам, како публика, на градскиот натпревар по прва помош. Бев воодушевена од начинот на кој беа организирани и од тоа како течеше целиот настан. Во тој момент, посакав да бидам дел од нив. Чувствував дека помагањето на другите е нешто што не само што им користи на луѓето околу мене туку и дека мене ме прави посреќна – раскажува младата средношколка Матеа Тунева. Александра Ристовски од Црвениот крст вели дека волонтерите се луѓе што се алтруисти, што несебично ги даваат своето време, своето знаење за ублажување на страдањата на најнемоќните, а притоа не очекуваат никаков надоместок
Матеа Тунева волонтира во Црвениот крст на Град Скопје од својата 12. година. Приказната и љубовта кон волонтерството започнале сосема случајно.
– На планината Водно, имав можност да присуствувам, како публика, на градскиот натпревар по прва помош. Бев воодушевена од начинот на кој беа организирани тие и од тоа како течеше целиот настан. Во тој момент, посакав да бидам дел од нив. Чувствував дека помагањето на другите е нешто што не само што им користи на луѓето околу мене туку и дека мене ме прави посреќна – раскажува Тунева.
Според неа, волонтирањето те гради како личност што е подготвена да даде без да очекува нешто за возврат.
– Како што растев и созревав, заедно со мене растеше и желбата за помош на другите. Активно се вклучив и станав дел од Клубот на младите при Црвениот крст на Град Скопје. Овде се отворија моите перспективи кон хуманоста – потенцира Тунева.
Таа е одушевена од волонтерската работа и вели дека, за неа, волонтирањето не е загубено време, туку напротив, секој од нас се здобива со вредности што треба да ги поседува една личност.
Тунева веќе две години има можност да биде дел од летниот камп организиран од Црвениот крст, за лицата од Украина. Една случка таму ѝ оставила длабок впечаток и со задоволство ја прераскажува.
– Оваа година, овој камп се одржа од 17 до 21 јуни, со сите работилници и креативни активности што беа организирани. Една од најемоционалните активности беше работилницата во чии рамки децата можеа да се искажат преку цртеж. На цртежот имаше човек што бега и целта на активноста беше да се нацрта каде го наоѓа тој своето засолниште. Детето со кое работев нацрта згради, зеленило и мирни улици. Кога го замолив да ми објасни што, всушност, значи неговиот цртеж, тоа ми кажа дека го нацртало Скопје. Бев благодарна што имав можност да бидам дел од неговите мир и спокој. Самиот момент што детето го гледа Скопје како своја мирна точка, ме научи дека се зголемува нашата емпатија во вакви ситуации – се потсетува Тунева со возбуда.
Таа нагласи дека ова искуство уште повеќе ја мотивирало да продолжи со волонтирањето, бидејќи секој мал момент на поддршка, како што вели, може да му значи свет на некој што минува низ тежок период.
Нашата седумнаесетгодишна соговорничка, која е трета година во скопската гимназија „Јосип Броз Тито“, е само еден од 7.000 активни волонтери во Црвениот крст, кој има вкупно 11.000 членови. Во светот ги има 17 милиони.
Александра Ристовски од Црвениот крст вели дека нема одредена старосна граница за волонтерите, ги има од 7 до 77 години и дека интересот за приклучување на младите како волонтери во оваа хуманитарна организација е голем. Притоа, Црвениот крст обезбедува транспорт до местото на активноста, опрема за нејзино извршување, како и оброк за волонтерот. Вели, парите не се мотивацијата и суштината на оваа хуманитарна организација.
Токму денеска, Црвениот крст, по повод Меѓународниот ден на волонтерството, кој годинава се одбележува под мотото „Да ја сочуваме хуманоста“, го организираше централниот настан, на кој присуствуваа претставници на 33 општински организации во Македонија и на кој волонтерите ги раскажаа своите приказни, но добија и признанија и благодарници за својата хумана работа. Вакви локални настани се одржаа во секоја општинска организација на Црвениот крст и беа проектирани филмови и фотографии за нивните активности, за промените што ги предизвикале во заедницата, за поддршката што им ја дале на корисниците.
– Без волонтерите, не би постигнале толку многу колку што постигнуваме, земајќи го предвид фактот дека Црвениот крст се заснова на принципот на доброволна служба. Волонтерите даваат за заедницата и ние се обидуваме да инвестираме во нив и да ги зајакнеме нивните капацитети за да можеме, кога ќе има некој хуманитарен предизвик, сите заедно да бидеме подготвени да одговориме на него – изјави Ристовски.
Таа додава дека волонтерите се луѓе што се алтруисти, што несебично ги даваат своето време, своето знаење за ублажување на страдањата на најнемоќните, а притоа не очекуваат никаков надоместок.
– Водени се од желбата да ги подобрат работите, да ги променат, да ги унапредат, а ние ги поттикнуваме да ги раскажат своите приказни, бидејќи тие волонтерски приказни ги мотивираат и ги инспирираат другите – заклучи Ристевски.
Според нашиот Закон за волонтерството, под волонтерство се подразбира доброволно давање лични услуги, знаења и вештини и/или вршење други активности во корист на други лица, органи, организации и други институции, без надоместок. Со овој Закон, не се ограничува можноста да се даваат волонтерски услуги што се од непостојана или случајна природа, на доброволна основа, без надоместок.
(А.П.)